Шкупи приреди вистински циркус, пред се за своите навивачи, а потоа и за македонската фудбалска јавност изминативе недели, по кој од денеска веројатно се враќа на фудбалот.
Оставката и потоа враќањето на Гоце Седлоски, внатрешните превирања во клубот и очигледните „дворски игри“, за кои се свесни и самите најверни навивачи на чаирчани, ниту најмалку не одговараат за еден шампион, а јасно е дека и тоа како оставија негативна трага за клубот пред продолжението од сезоната. Не се наивни навивачите на Шкупи да веруваат дека сето тоа беше само поради некакво резултатско незадоволство, затоа што ако беше така смешно е враќањето на Седлоски по само десет дена. И јасно им е пред се на навивачите на чаирчани дека во клубот секој сака да има повеќе функции од дозволените, па затоа е повеќе од интересно да се види како сега со „пукната тиква“ ќе функционира шампионот во битката за одбрана на титулата.
Првиот тест е веќе денеска во 7. коло од ПМФЛ против Работнички на Чаир. Шкупи, согласно составот со кој располага, секако е фаворит и се освен победа повторно ќе биде неуспех за тимот.
Во денешните натпревари од шампионатот фокусот е насочен и кон Струга ТЛ која ја брка седмата победа во исто толку натпревари. Стружани на домашен терен како големи фаворити го пречекуваат тимот на Скопје.
„Секако сакаме продолжување на успешните резултати, но не треба ниту најмалку да помислиме дека Скопје ќе биде лесен противник. Напротив. Мора да бидеме максимално концентрирани ако сакаме нов позитивен резултат“ – вели најзаслужниот за успесите на Струга ТЛ, шефот на стручниот штаб Срѓан Захариевски.
Брегалница гостува на Победа во Прилеп во желбата, исто така, за продолжување на низата победи.
Засилувањето на Брегалница, Себастијан Херара по двата натпревари за „сините“ силно верува дека тимот повторно ќе го даде максимумот за позитивен резултат.
„Игравме добро на изминатите натпревари и тие победи сигурно ни се силен мотив за да продолжиме во ист стил. Секако сега ќе биде еден поразличен натпревар на гостински терен, во однос на оние пред нашата публика. Никој не смее да ја потценува Победа која има квалитетен тим и сигурно заслужува многу повеќе бодови на стартот од сезоната. Но, ние ќе го дадеме максимумот за нова радост на нашите навивачи“ – вели Херера.
ПМФЛ – 7. КОЛО (денеска, 16 ч.)
Прилеп: ПОБЕДА – БРЕГАЛНИЦА
Струга: СТРУГА ТЛ – СКОПЈЕ
Квадараци: ТИКВЕШ – АК. ПАНДЕВ
Скопје: ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ
Шкендија е слободна
ВЧЕРА
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – СИЛЕКС 0-1
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

