Академија ФМП ги повлече првите конкретни чекори за екипирање на играчкиот ростер за наредната сезона, откако во последен момент беше завршена трансформацијата во АД за тимот да може да продолжи да се натпреварува во елитното друштво. Екипата од скопска Кисела Вода објави дека се потпишани договори со четири нови засилувања, и тоа домашните играчи Пајиќ и Коскоски, како и американските кошаркари Зек Овенс и Чендлер Џонс.
Предраг Пајиќ е првото засилување кое се приклучи на екипата, кој во својата кариера има уште и настапувано за екипите на Вардар, Фени Индустри, Кожув и во минатата сезона за екипата на Пелистер со која го освои второто место во Македонското првенство. Од екипата на МЗТ Скопје 2 во таборот на Академија ФМП се приклучува Габриел Коскоски кој во своето минато има настапувано и за екипите на Охрид, Работнички и Црн Дрим.
Првите странски играчи кои го засилуваат овој прволигаш се Зек Овенс и Чендлер Џонс, за кои ова е прв професионален договор во Европа. Овенс доаѓа од колеџот Бетел каде што во просек постигнувал 15 поени изминатата сезона, додека Џонс во минатата сезона постигнуваше по 8 поени и 6 скокови во просек на колеџот Брандајс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА