Пешиќ се огласи по Евробаксетот: Доволни се само десет лоши минути…

Селекторот на српската кошаркарска репрезентација, Светлислав Пешиќ и понатаму е во центарот на вниманието на јавноста кај нашиот северен сосед. Искусниот стратег наиде на критики по отпишувањето на Милош Теодосиќ од листата на патници на континенталниот собир, а потоа и по елиминацијата на „орлите“ од Италија во осминафиналето.

Пешиќ не се врати со српската репрезентација во Белград и остана во Германија, а по неколку дена говореше за собирот во интервју дадено за кошаркарската федерација.

„Овогодишното Европско првенство донесе голем интерес во јавноста со настапот на голем број врвни играчи и тоа не само од НБА лигата. Во однос на квалитетот ова е еден од најсилните собири на кои квалитетот беше изедначен. Видовме дека „малите“ држави напредуваат, фаворитите не секогаш победуваат па не изостанаа ниту изненадувањата. Системот на натпреварување е суров и доволно е да имате десет лоши минути за целиот вложен труд да остане без награда за сите ние кои ја очекувавме. Големо е разочарувањето и сите ние сме тажни“, вели Пешиќ.

Пешиќ ја превзема одговорноста за неуспехот, велејќи дека сите инволвирани направиле се за да ја претстават Србија и српската кошарка на најдобар можен начин.

„Апсолутно сум свесен за одговорноста и разочарувањето кое го приредивме на нашите навивачи. Секогаш ќе ја истакнувам атмосферата, другарството и заедништвото кое играчите го изградија меѓу себе. Го истакнувам ова и покрај тоа што се соочивме со повреди и болести, а дел од играчите не ни отпатуваа на Евробаскетот. Турнирот го пропуштија Бјелица, Аврамовиќ, Богдановиќ… Милутинов и Маринковиќ не настапуваа поради болест, Недовиќ прерано го заврши настапот“, додава Пешиќ кој потоа продолжи

„Меѓутоа и покрај потешкотиите, екипата растеше од натпревар во натпревар, покажа квалитет, постојаност и превзема апсолутна одговорност не барајќи изговори и оправдувања. Горд сум и ми беше задоволство што учествував заедно со нив во овој процес. Сите ние направивме се што беше во наша моќ за на најдобар начин да ја претставиме нашата држава, нашата кошарка и нашата кошаркарска култура“

И покрај неуспехот Светислав Пешиќ се очекува да остане на чело на репрезентацијата и да ја предводи во следниот квалификациски прозорец за Светското првенство.

Се вчитува...