Франција со стил до финале – Полјаците се исплашија од Гобер и компанија!

Франција е првиот финалист на Евробаскет 2022 откако „триколорите“ со извонредна игра ја демолирааа селекцијата на Полска со преубедливи 85-54. Откако со многу среќа во претходните две рунди ги елиминираа Турција и Италија, француските кошаркари овојпат се погрижија мечот да мине без преголема драма, имајќи двоцифрена предност повеќе од три четвртини и не дозволувајќи триумфот во ниту еден момент да им биде доведен во прашање.

Руди Гобер одигра многу значајна улога во одбраната на францускиот состав, пред се во првото полувреме кога „триколорите“ ја создаваа големата предност. Одличниот центар доминираше во рекетот, каде со неколку блокади ги откажа полските кошаркари кои ниту во првата ниту во втората четвртина не стигнаа до двоцифрен број на поени, па Франција на одмор замина со огромна предност од 34-18. Не само што Французите не застанаа, туку продолжија со уште поимпресивна игра, полнејќи го кошот на Полјаците за преубедлива победа. Полските кошаркари пред два дена приредија сензација кога со беспрекорна офанзивна партија ја елиминираа моќната Словенија, но овојпат немаа одговор за Франција, па во меч со само 54 постигнати поени не можеа да избегнат убедлив пораз.

Двајцата селектори во финишот им дадоа одмор на клучните кошаркари, завршувајќи го натпреварот со вторите петорки. Најефикасен во францускиот состав беше Јабуселе со 22 поени пред Фурние и Окобо со по 10, додека во полскиот табор ниту еден играч не стигна до двоцифрен број на поени,  најефикасни беа Михалик и Слотер со по девет.

Во второто полуфинале вечерва се среќаваат Германија и Шпанија.

Се вчитува...