Кошаркарите на ТФТ триумфираа против бугарскиот Левски со 78-83 во првиот полуфинален натпревар на Меѓународниот турнир „Плевен 2022“ кој се игра во Бугарија.
Македонскиот тим беше далеку подобар од Бугарите во текот на целиот натпревар на крајот сосема заслужено доаѓајќи до победата. Уште во првото полувреме ТФТ се стекна со предност, а со поените на Александар Костоски на пауза замина со водство од 38-45.
Во второто полувреме се продолжи во ист стил, Левски на моменти дојде и до израмнување но на крајот ТФТ триумфираше со пет поени разлика (78-83).
Најефикасен во редовите на ТФТ беше Лахлан Андерсон со 18 поени, Костоски запиша 16 поени, дополнети и со шест скока и пет асистенции, а Донован Доналдсон заврши со 13 поени и 9 асистенции. Кај Левски, Златин Георгиев и Николај Михаилов постигнаа по 17 поени.
Утре од 17:30 часот ТФТ во финалето на турнирот ќе се соочи со подобриот од втората полуфинална пресметка која во моментов се игра меѓу домаќинот Спартак Плевен и битолски Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

