Сеќавање за КИРИЛ ДОЈЧИНОВСКИ – Досега необјавени фотографии од асот кој го запре големиот Пеле на „Маракана“ во Рио (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Четириесет денови откако македонскиот и балканскиот фудбал останаа без едно од најголемите имиња во својата историја, Кирил Дојчиновски.

Кирил Дојчиновски, кој ќе остане засекогаш запаметен во историјата на македонскиот спорт како првиот Македонец кој бил дел од Светските фудбалски првенства, и тоа како ја задолжи фудбалската игра со својот максимално професионален однос на теренот и надвор од него издвојувајќи се како еден од најголемите асови на 20. век.

ЕКИПА, негувајќи ги сеќавањата за македонската легенда, ви носи досега необјавени фотографии од домашната архива на Кирил Дојчиновски кои уште еднаш треба да потсетат на личноста која ја прослави Македонија надвор од своите граници.

Дојчиновски своите фудбалски почетоци ги бележи во Вардар, каде настапува пет сезони во периодот од 1962 до 1967 година. Притоа во дресот со црвено-црните бои има одиграно вкупно 218 натпревари и настапено на 132 првенствени средби. Потоа се сели во белградска Црвена Звезда (1967 – 1974) достигнувајќи го врвот на својата слава како четирикратен шампион на Југославија со Црвена Звезда, освојувач на Митропа купот, полуфиналист во Купот на европските шампиони со Црвена Звезда во сезоната 1970/71 и четвртфиналист во сезоната 1973/74. Токму овој период го води и како стандарден член на репрезентацијата на поранешна СФРЈ предводена од Миљан Миљаниќ, со која е првиот Македонец учесник на Мундијалот во 1974 година во Западна Германија.

Во дресот на поранешна СФРЈ на Мундијалот 1974 во Западна Германија

Но, од репрезентативните настапи, без сомнение, се издвојува и приказната за скриениот ас кој го запре големиот Пеле. Југославија во 1968 година одигра пријателски натпревар со Бразил на легендарната „Маракана“ во Рио де Жанеиро пред 80.000 навивачи, а Кирил Дојчиновски заедно со Мето Спасовски беа дел од почетната постава на југословенската репрезентација.

 

Ќе остане засекогаш запаметена фотографијата на „Дојчиновски и Пеле“ пред голот на Југославија, но и потоа бројните написи во кои беше издвоено дека „скриениот ас“ Кирил Дојчиновски го запре најдобриот фудбалер на светот.

Кирил Дојчиновски со легендарниот Пеле на „Маракана“ во Рио де Жанеиро во 1968 година

„Пеле не можеше многу да се наигра покрај Кирил Дојчиновски кој командува со одбраната и средниот ред на Југославија“ – беа дел од написите во југословенските и бразилските медиуми, по натпреварот кој заврши без победник, 3-3.

А, стрелец на првиот гол за Југославија на „Маракана“ беше и Мето Спасовски, останатите два гола беа дело на Драган Џајиќ и Јосип Букал.

Од Црвена Звезда, потврдувајќи ги своите огромни фудбалски квалитети, потоа стартуваше интернационална кариера во една од најсилните лиги во светот, во француските Тројс и ФЦ Париз.

По завршувањето на играчката кариера Кире Дојчиновски стартува со тренерска кариера. Како тренер е двократен шампион на Ел Салвадор со Луис Фирпо, и селектор на репрезентацијата на Ел Салвадор.

Кирил Дојчиновски како селектор на Ел Салвадор на квалификацискиот натпревар против Колумбија

Потоа ја презема клупата на својот Вардар, но беше тренер и на грчки Ираклис, како и на македонските клубови Пелистер, Македонија ЃП, Брегалница Делчево и Брегалница Штип. Карариера ја заврши таму од каде што ја и почна, како тренер на својата најголема љубов, ФК Вардар, во сезоната 2007/08 кога се нафати на предизвикот во една од најтешките пресвртни години во историјата на клубот.

Кирил Дојчиновски, поради огромните заслуги за македонскиот фудбал, е добитник на бројни признанија меѓу кои и Наградата за животно дело од Македонскиот олимписки комитет, како и признанието од белградска Црвена Звезда, за една од најголемите легенди во историјата на клубот. Минатата година го доби и признанието на ЕКИПА, добивајќи место во „Куќата на Асови на ЕКИПА“, меѓу 10 најголеми спортисти во историјата на Македонија со наградата „Врвен ас – еден од нас“.

 

Се вчитува...