Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фудбалската федерација на Македонија заеднички седнаа на маса и објавија ново партнерство поврзано со Светскиот ден на детето.
Оваа година Светскиот ден на детето се одржува на истиот ден кога започнува Светското првенство во фудбал, што создава единствена можност да се искористи моќта на фудбалот за целиот свет да се обедини и да се потсети дека кога станува збор за правата на децата – може да има само еден тим.
„Без разлика за која држава навиваме на Светското првенство, кога станува збор за правата на децата, сите сме во ист тим. Секое дете заслужува да се чувствува безбедно, заштитено и уважено. Спортот и играта се повеќе од само забава. За децата тие создаваат чувство на припадност кон заедница, можност да споделуваат заеднички успеси или порази, и да учат важни животни поуки за тоа што е почит, вклученост, соработка и лидерство. Драго ни е што оваа година, по повод Светскиот ден на детето, во соработка со УНИЦЕФ и пред почетокот на Светското фудбалско првенство, имаме можност да испратиме заедничка порака за вклученост, недискриминација и почитување на детските права“, изјави претседателот на ФФМ Муарем Сејдини.
По него се обрати и претставничката на УНИЦЕФ, која порача дека сите сме во ист тим.
„Пораката што ќе ја испратат нашите фудбалери е потсетник за секој од нас да ги почитува правата на децата, да даваме еднакви можности на сите деца, квалитетно и инклузивно образование, живот во здрава животна средина и добро ментално здравје. Се обидуваме фудбалот да го направиме место за пример каде ќе се почитуваат детските права и ќе им се даваат шанси на сите деца, но и платформа од која ќе повикуваме и другите актери во нашето општество да го сторат истото“, изјави Патриција ДиЏовани.
Иницијативата ќе опфати заедничка мултимедијална кампања под мотото „Сите сме во ист тим кога се работи за децата“ со фудбалери од државната репрезентација и деца од различно потекло, со заедничко испраќање позитивни пораки за еднаквост и инклузија на секое дете. На Светскиот ден на детето, на 20. ноември, ќе се одржи пријателски фудбалски натпревар помеѓу фудбалери од репрезентацијата и децата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА