Само со победа во Тбилиси, Македонија ги задржува шансите за врвот

ЕКИПА во Тбилиси, Грузија
Горан Бошев

Тбилиси е местото каде што Македонија испиша историја. Репрезентацијата со победата тука во главниот град на Грузија, обезбеди историско прво, и засега единствено учество на Европското првенство. Во ноември 2020 година, на „Борис Паичадзе“ беше обезбеден пласманот на ЕВРО 2020 година, стадион кој донесе голема радост на Македонија.

Судбината сакаше две години подоцна истите репрезентации да се сретнат, овој пат во сосема поинаква улога, во битка за првото место во групата во Лигата на Нации. Ако тогаш во баражот двете селекции имаа подеднакви шанси, сега ситуацијата е сосема поинаква. Грузија е во добра предност, особено по победата во Скопје од 0-3, што ги носи Грузијците во „пол позиција“ за првото место во групата. За расипување на нивните сметки потребна е победа на Македонија вечерва пред полни трибини на стадионот во Тбилиси. Било каква победа помала од четири разлика, ќе донесе последното коло да одлучува за конечната разврска околу првото место.

Шансите за убедлива победа се мали, особено после проблемите со кои се соочува селекторот Благоја Милевски. Македонија поради повреди не може да смета на Стефан Ристовски, Дарко Чурлинов, Аријан Адеми, Ваљон Етеми. Чудниот преоден рок кои го имаа репрезентативците, придонесе да во селекцијата ги нема ниту Бобан Николов, Давид Бабунски и Кире Ристевски, а исто така Милевски не може да биде задоволен од формата на некои фудбалери, кои многу подоцна влегоа во натпреварувачки ритам.

Сето тоа носи дополнителни главоболки за Милевски, кој мора да ја менува формацијата, па во овие денови кои беа резервирани за подготовки на селекцијата, пробуваше различни варијанти. Така се очекува промена на тактиката од 4-4-2, или 3-5-2, а тоа ќе го одлучи селекторот непосредно пред мечот. Дополнителен проблем претставуваат и повредата на Дарко Велковски на вечрашниот официјален тренинг, додека Александар Трајковски има настинка, и веќе трет ден е со температура.

Милевски, пак, синоќа видно вознемирен поради доцнењето на екипата на тренинг, на прес-конференцијата пред мечот истакна дека тимот ќе се бори за да оствари победа вечерва.

„Не би биле тука ако не би верувале во победа. Се додека постојат најмали шанси, ќе се трудиме да ги искористиме. Во Скопје мислам дека Грузија незаслужено победи, но фудбалот е таков. Ќе се трудиме сега да победиме во Тбилиси“, изјави Милевски. 

Во фокусот на вниманието во Тбилиси е Квича Кварацхелија, кој игра во супер форма во Наполи и е соиграч на Елиф Елмас. За Кварацхелија и Елмас беше прашан и Милевски на вчерашната прес-конференција, и тој одговори:

„Секогаш се концентрирам на она како ќе функционира нашиот тим, и како ќе функционираме ние против екипа. Поединците се важни, но секогаш е важно тимот како ќе функионира. Тимот победува секогаш, не инвидуалец. Кварацхелија е во добра форма, но не може тој се сам. Тимот е поважен“, рече Милевски. 

Мечот започнува вечерва во 18:00 часот по македонско време, со директен пренос на МТВ.

ЛИГА НА НАЦИИ, ГРУПА Ц4 (5. КОЛО)

ТБИЛИСИ: ГРУЗИЈА – МАКЕДОНИЈА (18:00 Ч.)

РАЗГРАД: БУГАРИЈА – ГИБРАЛТАР (20:45 Ч.)

Standings provided by SofaScore

Се вчитува...