Последно танго на великанот: Федерер стави печат на блескавата кариера

Светскиот тенис од вечерва е посиромашен за Роџер Федерер, откако швајцарскиот ас го одигра својот последен меч во кариерата, во дубл заедно со својот вечен ривал Рафаел Надал во рамките од Лејвер купот. Федерер и Надал загубија со 1-2 во сетови од Сок и Тиафо, но резултатот вечерва воопшто не беше во преден план, сите очи беа вперени кон Роџер и неговите последни мајстории на тенискиот терен. Иако подолго време беше без официјален меч, Швајцарецот делуваше одлично на теренот, освојувајќи неколку извонредни поени на воодушевување на публиката во арената во Лондон.

Почетокот на дуелот донесе израмнета игра во која во првите осум гејма оние кои сервираа немаа проблем да стигнат до поени. Првата брејк шанса ја пропуштија Сок и Тиафо на сервис на Надал, а откако се спасија, Федерер и Надал заиграа одлично во наредниот гејм и го добија првиот сет со 6-4.

Американскиот пар стигна до брејк на почетокот од вториот сет, но Европа успеа да израмни на 3-3, повторно одземајќи го сервисот на Тиафо. Многу возбудлив беше единаесеттиот гејм, кога Американците на сервис на Надал имаа 0-40 и вкупно шест брејк-шанси, но европските тениски великани успеаја да се спасат и поведоа со 6-5. Овој сет беше решен во тајбрејк, a во него доминираа Тиафо и Сок, триумфирајќи со 2-7.

Решавачкиот сет на Лејвер купот се игра „прв до десет поени“, а Федерер и Надал тргнаа фуриозно, поведувајќи со 3-0, но Сок и Тиафо возвратија со четири поени во низа. До крајот се водеше израмнета битка, Европа доби меч-топка при 9-8 и сервис на Федерер, но Тиафо со умешна реакција на мрежата го спаси „тимот на светот“. Американците успеаја да го свртат резултатот во своја полза и да слават со 10-12, но дуелот ќе остане запаметен по „последното танго“ во Лондон на Роџер Федерер.

Ова дефинитивно е крај на една ера во модерниот тенис, а пензионирањето на Федерер остава сериозна празнина што следните генерации многу тешко ќе ја пополнат.

Затоа што неговото наследство за овој спорт не се брои само со победи, трофеи и гранслем турнир, туку пред се со човечката големина што тој ја покажуваше дваесетина години наназад. Затоа што, само еден е и ќе остане Роџер Федерер.

Се вчитува...