Скопје изминатата недела можеше да ужива во едни од најдобрите европски екипи откако во домаќинство на ТФТ, квалификацискиот турнир за пласман во групната фаза од Лигата на Шампионите се одржа во СЦ „Борис Трајковски“. На истиот покрај освојувачот на Купот на Македонија присуствуваа и швајцарскиот шампион Фрибург, британскиот шампион Лестер, романскиот вицешампион Волунари, турскиот и германскиот четвртфиналист Тофаш и Кемниц.
Во нашиот главен град можеше да се проследи атрактивна кошарка, но во сенка остана малиот интерес на јавноста. Во некогашиот кошаркарски храм каде гостуваат најсилните „јадрански“ екипи присуствуаа не повеќе од петстотина љубители на кошарката, уште еднаш докажувајќи го минималниот интерес за овој спорт.
„Направивме вонсериски напори за организација на еден ваков турнир и добивме пофалби од ФИБА за добро сработената работа. Ни рекоа дека сме едни од најдобрите организатори од четирите турнири кои се одржаа почнувајќи од сместување, услови и се понатаму. Изостана публиката и за тоа жалиме, но и до некаде очекувавме помал интерес со оглед на тоа каде се наоѓа македонската кошарка од квалитет, преку спортските работници до јавноста. Бевме свесни, но имавме голема желба и намера да го подигнеме интересот за иднина. МЗТ претходната година организираше завршница на АБА2, на нашиот турнир присуствуваа сериозни екипи и се тоа е во интерес на македнската кошарка. Излеговме од таа комфорт зона за подигнување на свеста за кошарката и се надеваме дека во иднина интересот ќе биде поголем“, вели Смилковски за ЕКИПА.
„Вредеше бидејќи главната цел беше покренување на иницијатива за анимирање на јавноста. Ние го организиравме турнирот со наши средства, а сите спонзори, партнерства беа само плус. Помалиот интерес се должи на пандемијата на Ковид-19, новата криза која сега е актуелна и третманот на државата кон спортот. Но, мислам дека направивме една добра подлога за иднина и можеби нова организација па и на поголеми нешта, зошто тоа да не биде некоја завршница. Неколку фирми помогнаа и исполнети сме од целата организација. Донесовме врвна кошарка во Македонија и тоа можеше да се види поготово во финалето“
ТФТ натпреварувањето во квалификациите го заврши во четвртфиналето откако очекувано беше совладан од страна на финалистот Кемниц, а како што вели првиот човек на клубот резултатот е во втор план пред проверката на силите и добивањето на реална слика за можностите на тимот, нешто што ќе биде цел и на престојот дуел против МЗТ Скопје во Суперкупот на Македонија (28.09).
„За нас од играчки аспект квалификацискиот турнир многу значеше за да добиеме смисла за екипата и како ќе се движи истата во иднина. Не ја исклучувам можноста да промени во ростерот со цел да стигнеме до тоа што го посакуваме. Суперкупот е уште една можноста за надоградување, нова можност за проверка на силите против АБА лигаш кој во моментот е најдобриот клуб во македонската кошарка. Веруваме и се надеваме на победа, но и овој натпревар за нас ќе биде голема можност за проверка на силите пред се за првиот „балон“ на АБА2 и се што следи во сезоната“, додава Смилковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

