ПОЛУВРЕМЕ БЕЗ ГОЛОВИ: Македонија и со десетмина солидно се носи со Бугарите

Македонија и Бугарија одиграа полувреме без голови на Националната Арена во Скопје, во меч во кој имаше возбудувања, а агресивната игра на двете страни на почетокот донесе и еден црвен картон. И со играч помалку, Македонија солидно се носеше со Бугарија, ја имаше и единствената шанса, односно единствениот удар кон голот во првиот дел.

И покрај тоа што Бугарија тргна поагресивно на нашите фудбалери, сепак, во 14. минута Македонија остана без играч на теренот. Остар старт на македонскиот репрезентативец Тодор Тодороски врз Петков, и директен црвен картон за десниот бек. Хендикеп огромен, особено ако се знае дека беше тешко да се игра 11 против 11, а уште потешко 10 на 11 противничкит играчи.

„Колатерална штета“ од целата ситуација излезе Александар Трајковски, па беше повлечен од игра уште во 22. минута за да влезе Ашковски и да го надополни отсуството на Тодороски.

И во една ситуација со играч помалку, првата и единствена посериозна шанса ја имаше Македонија. Милан Ристовски упати „бомба“ по голот на Бугарија, но Наумов одби во корнер во 24. минута.

Бугарите ја презедоа иницијативата во финишот, но нивните нафрлени топки од страничните позиции не дадоа плод. Сето тоа одбраната на Македонија и голманот Димитриевски лесно го решаваа. Македонија изведе два корнери, меѓутоа само по едниот се закани Бејтулаи, но само крај голот.

Играта со 10 на теренот, наспроти 11 ќе бара многу трчање, па останува да се види како ќе се носат македонските фудбалери во вториот дел од средбата. Во оваа ситуација се чини и нерешено ќе биде добар резултат за нашиот национален тим.

Се вчитува...