Тешко се игра со фудбалер помалку: Бугарија со победа над Македонија среде Скопје (ВИДЕО)

Во меч со многу емоции, многу борба, стартови, фаули, Бугарија ги однесе трите бода од Скопје. Делуваше дека Бугарите се посмирени, дека го добија она што го сакаат (црвен картон на Тодороски рано во мечот), и потоа дочекаа да постигнат гол, и да ги однесат бодовите. И со играч помалку Македонија имаше шанса да избегне пораз, но повторно немаше реализација, која очигледно беше проблем во ова издание на Лигата на Нации, особено против Грузија и против Бугарија.

Црвениот картон на Тодор Тодороски во 14. минута целосно го смени концептот и играта на нашата репрезентација. Така Милевски мораше да менува, а тоа придонесе и за „рокади“ во составот, за нови позиции на одредени играчи, во одбраната да мора да помагаат и Елмас, па и Барди и Миовски.

„Колатерална штета“ од целата ситуација излезе Александар Трајковски, па беше повлечен од игра уште во 22. минута за да влезе Ашковски и да го надополни отсуството на Тодороски.

И во ситуација со играч помалку, првата и единствена посериозна шанса ја имаше Македонија. Милан Ристовски упати „бомба“ по голот на Бугарија, но Наумов одби во корнер.

Бугарите ја презедоа иницијативата во финишот од првото полувреме, но нивните нафрлени топки од страничните позиции не дадоа плод. Сето тоа одбраната на Македонија и голманот Димитриевски лесно го решаваа. Македонија изведе два корнери, меѓутоа само по едниот се закани Бејтулаи, но само крај голот.

Бугарија ја дочека својата шанса од противнапад да ја загрози Македонија, а тоа дојде веднаш на стартот од вториот дел. Загубена топка на Македонија, и противнапад на Бугарите преку Кирилов на левата страна, кој додаде до Десподов, излегувајќи сам пред голот го совлада Димитриевски и донесе водство за гостите.

И после голот истата игра. Бугарија чекаше можност од противнапади, па Десподов односов се закани во 56. минута, меѓутоа само во рацете на Димитриевски. Падот во играта на Македонија беше очигледен, па во 59. минута Бејтулаи спаси сигурен гол, расчистувајќи од гол линијата.

Тоа го примети и селекторот Милевски, па реагираше со измени, вадејќи ги двата најистурени играчи, и во игра влегоа Спировски и Дориев. И веднаш шанса на Алиоски по центаршутот на Спировски, и волеј удар кој Бугарите го расчистија од самата гол линија во 62. минута. Следната минута и опасен центаршут од Бејтулаи, за одбраната на Бугарија да има проблеми, но некако да ја расчисти топката. Нападите на Македонија се редеа, фативме залет, меѓутоа промена на резултатот немаше.

Бугарија откако ги издржа неколкуте налети, повторно ја презеде иницијативата. Гостите смирено ја чекаа својата шанса, и еден удар на Недјалков кој „профуче“ над голот на Македонија.

Беше мирно се до 80. минута кога Македонија тргна во дефинитивен финиш да се „спасува“ од пораз. Алиоски имаше шанса во 81. минута, но топката мина за малку крај левиот дирек.

„Златната“ шанса ја имаше Дориев во 91. минута кога доби топка од десната страна, но наместо да шутира во голот, тој се реши да проигрува и одбраната на Бугарија расчисти. И во судиското надополнување без промени, гостите од „истокот“ се одбранија и на крајот ги носат бодовите.

Пораз кој сигурно ќе ја боли Македонија, но и пораз кој ќе треба да биде освестување за нашата селекција, која имаше поразителен финиш во Лигата на Нации. Пораз кој можеби ќе донесе и промени во селекцијата пред квалификациите за ЕП 2024 година. Но, имајќи во предвид каков преоден рок имаа македонските играчи, вакво нешто можеби и не е изненадување.

ЛИГА НА НАЦИИ, ГРУПА Ц4 – 6. КОЛО

МАКЕДОНИЈА – БУГАРИЈА 0-1 (Десподов 60′)

ГИБРАЛТАР – ГРУЗИЈА 1-2 (Анесли 75′ – Кварацхелија 19′, Цитиашвили 48′)

Standings provided by SofaScore

Се вчитува...