Кошаркарките на Баскет Кам со златни букви се запишаа во историјата на мак-баскетот откако во второто издание на Суперкупот на Македонија кој го носи називот „Драган Василов – Цевка“ стигнаа до посакуваниот трофеј совладувајќи го доскорешниот шампион Бадел 1862 со 61-69.
Одличната игра во нападот донесе преност од 17 поени за Баскет Кам во првото полувреме, но Бадел одигра херојски во третата четвртина, дозволи само еден поен на противникот и со преност влезе во одлучувачките десет минути. Во нив сепак избраничките на Гоцевски ги консолидираа редовите, одиграа одлично во одбраната, а ја имаа и расположената Марија Николов која ги предвоеше до враќање на предност и голема победа.
Отварањето на натпреварот беше во знакот на кошаркарките на Баскет Кам кои умешно ги искористија изгубени топки на противничките и благодарение на лесните поени поведоа со 2-10. Составот на Гоцевски имаше шанса и за двоцифрена предност, но откако не успеа да стигне до истата следеше одговор од „баделки“. Серијата од 9-0 донесе минимална предност за избраничките на Стамески, а до крајот на првата четвртина натпреварот продолжи во изедначено темпо. За предноста по крајот на 10. минута да биде поголема од еден напад се погрижи Николов која со тројка во последните секунди ги постави конечните 17-21. Добрата одбрана на Баскет Кам ги запре лесните поени на Бадел 1862, а на крилја на Николов составот од Македонска Каменица стигна до двоцифрена предност (19-29). Избраничките на Гоцевски продолжи во одлично темпо на двете страни на паркетот па во еден момент поведоа и со највисоката предност од 17 поени (22-39), но во завршницата Матију, Димитријевиќ и Лазареска се погрижија за ублажување на негативата на 31-45.

Баскет Кам не успеа да го пренесе напаѓачкиот ритам и на отварањето на второто полувреме, добрата одбрана на Бадел 1862 целосно ја сопре реализацијата на противникот, а речиси девет минутниот „пост“ го искористија „баделки“ за серија од 16-0 со која ја превземаа предноста (47-45). Единствениот поен на Баскет Кам во третата четвртина го постигна Димова која реализираше од линијата за слободни фрлања па резултатот по 30. минути игра гласеше 47-46. На крилја на Николова, Баскет Кам успеа да ги консолидира редовите. Младата репрезентативка изнуди две лични грешки во напад, поентираше и асистираше за водство, неа и се приклучи и Димова па водството се искачи на 49-55. Агресивната одбрана на составот од Македонска Каменица продолжи да биде фактор на мечот, во нападот во ритам за три поени влегоа Димова и Зафировска па ја вратија двоцифрената предност (51-61), која овој пат беше преголем залак за „баделки“ и покрај тоа што имаа неколку напади за изедначување.
Aдамовска го предвоеше Баскет Кам со 21 поен и 6 скока, Димова забележа 20 поени и 7 скока, додека Николов мечот го заврши со 11 поени и 3 асистенции. Матију беше лидерка на Бадел 1862 со 25 поени и 14 скока, додека Димитријевиќ постигна 14 поени, 5 скока и 5 асистенции.
View this post on Instagram
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

