МЗТ Скопје успеа да стигне до трофејот во Супер-купот на Македонија, но тренерот Александар Петровиќ се соочува со сериозни проблеми пред самиот старт на возбудувањата на АБА-лигата и саботното гостување против Црвена Звезда во Белград.
Еван Максвел требаше да биде прв центар на „металците“ сезонава, Американецот настапи на турнирот во Белград, но не беше во тимот на тренерот Петровиќ за синоќешниот дуел со ТФТ. Станува збор за проблем со коленото, а првите прогнози се сериозни. Во исчекување на конечната дијагноза, јасно е дека на Максвел му претстои повеќемесечна пауза, што го остава МЗТ крајно ослабен на центарската позиција. Во една таква ситуација, се очекува аеродромци да се вратат на пазарот и да се обидат да доведат нов играч за борба под кошевите, нешто што ќе им биде неопходно за сериозен настап во силна лига како што е АБА1.
Дополнителен проблем за македонскиот првак е повредата што на синоќешниот меч со ТФТ ја заработи Мајк Кафи. Американскиот плејмејкер се пожали на болка во четвртата четвртина, се обиде да продолжи, но стана јасно дека проблемот не е наивен, па Петровиќ го повлече од игра до крајот на мечот. Денешните прегледи би требало да покажат колку е сериозна повредата на Американецот и дали тој ќе може да настапи на саботниот дуел со Црвена Звезда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА