Лионел Меси ја започна втората сезона во редовите на Пари Сен Жермен, сезона која може да биде негова последна во овој клуб со оглед на тоа што договорот му завршува во 2023 година. Аргентинецот имаше проблеми во првата година, но затоа во актуелнава игра на највисоко ниво, дава голови, асистира и активно учествува во креирање на акции од што секако се задоволни во Париз.
Шпанските медиуми најавуваат дека Меси е решен да си замине како слободен играч на крајот од сезонава, но ПСЖ нема намера лесно да се откаже од обидите да го задржи аргентинскиот генијалец во своите редови. Токму поради ова „светците“ му нудат нов договор на напаѓачот, договор според кој би добивал плата од 30 милиони евра по сезона, односно би ги задржал сегашните примања. Според „Ел Ларгуеро“ (Кадена Сер) се работи за договор 1+1 година, па останува да видиме дали напаѓачот ќе ја прифати за оваа понуда.
Има информации и дека Барселона со помош на тренерот Чави Ернандес сака да го врати на „Камп Ноу“ каде што Лео би го имал последниот, завршниот танц како што заслужува. Останува да се види на каков потег ќе се одлучи ветеранот кој се очекува посериозно да размислува на оваа тема по Светското првенство во Катар каде со Аргентина ќе се обиде да дојде до пехарот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА