Де Роси со комплименти до Мурињо: Мора да добие респект за тоа што го направи за Рома

По крајот на професионалната кариера, Даниеле Де Роси е дел од стручниот штаб на италијанската фудбалска репрезентација, но во слободно време, и натаму е страствен фан на Рома и се обидува да не пропушти ниту еден меч на „волчицата“.

Поранешниот капитен на Рома вели дека во последно време му е криво што веќе не е активен фудбалер, а тоа е така поради неверојатната атмосфера која владее на „Олимпико“ во последните 12 месеци.

Де Роси е убеден дека причина за тоа е Жозе Мурињо, кој направил Рома да се сплоти како тим и предизивкал посебни вибрации меѓу тифозите во Рим.

„Не знам дали може да забележите, но Мурињо направи многу и зад главната сцена на теренот. Стадионот секогаш е полн, има 60 илјади навивачи на трибините, без разлика дали тимот игра добро или не. Тоа не е никаква случајност. Мурињо го сплоти тимот, но ги сплоти и навивачите на Рома и затоа мора да добива многу поголемо значење. Мора да биде ценет и поради тоа, а не само поради резултатите“, изјави Де Роси.

Се вчитува...