Се враќа прволигашкиот фудбал: „Лавовите“ го сопираат налетот на Струга ТЛ

Можеби малкумина веруваа, но Струга Трим Лум е тимот кој има импресивен старт на сезоната, и најдобриот старт на една македонска екипа во ПФМЛ. Долги години, можеби и децении никој немал осум стартни победи во првенството, а избраниците на Срѓан Захариевски го имаат тој почеток, и најавуваат дека ќе се борат за својата прва титула во историјата.

Со искуството на Бесарт Ибраими, со одличната форма на Буњамин Шабани и со останатите играчи, Захариевски се чини го склопи „мозаикот“ на екипата која немилосрдно гази на стартот од сезоната.

Меѓутоа сега лидерот го има едно од најтешките гостувања во првиот дел од сезоната. После репрезентативната пауза, првопласираниот тим доаѓа во Ѓорче Петров, кај екипата на Македонија ЃП која сигурно очекуваше подобар почеток на новата сезона, но и натаму важи за еден од тимовите кои ќе се бори за Европа. Не треба да се заборави дека Струга ТЛ на гостински терен ги совлада и Академија Пандев, и Шкендија (се играше на неутрален терен), но Македонија ЃП сега сака да го сопре налетот на лидерот и после осум победи по ред да биде единствениот тим кој ќе биде непоразен од пресметката со првопласираниот.

Играчот од средниот ред на Струга ТЛ Буњамин Шабани очекува интересен натпревар.

„Интересен меч со многу квалитетен противник не очекува денеска. Знаеме дека ја стартувавме сезоната одлично, но сега треба да ги оставиме тие натпревари зад нас. Секој натпревар за нас е различен, се подготвуваме да дадеме максимум против Македонија ЃП и да дојдеме до нова победа“, изјави Шабани.

Покрај овој натпревар во Ѓорче Петров, се игра уште еден дуел. Брегалница на свој терен го дочекува составот на Работнички. „Романтичарите“ со нов тренер во името на Милан Илиевски, и неговиот помошник Баже Илијоски, ја стартуваат мисијата на фаќање на долга победничка серија која ќе ги извади од долниот дел, и ќе ги „лансира“ во горниот „дом“ на табелата. Практично, ова ќе биде дуел меѓу учителот и ученикот, со оглед дека Илчо Ѓорѓиоски му беше тренер на Милан Илиевски и во таборот на Македонија ЃП, подоцна и во Вардар, кога двата тима освојуваа титули токму под водство на сегашниот кормилар на Брегалница.

Standings provided by SofaScore

Се вчитува...