Интересен тренерски дуел во Штип – учителот против ученикот

Денеска се играат два натпревари од 9. коло во ПМФЛ, и се очекуваат и двата да бидат интересни. После паузата поради репрезентацијата, се враќа прволигашкиот фудбал. Стартува во Ѓорче Петров, каде што лидерот Струга ТЛ гостува на Македонија ЃП, но ќе биде интересно и возбудливо во Штип каде што гостува Работнички.

Овој натпревар помеѓу Брегалница и Работнички ќе биде интересен и специфичен од неколку аспекти. Најпрво тоа што „романтичарите“ доаѓаат со нов(и) тренер(и) на клупата. Така Работнички се одлучи да му ја даде довербата на тандемот Милан Илиевски – Баже Илијоски, како фудбалери долгогодишни членови на екипата од Дебар Маало.

Илиевски ќе биде прв тренер, а Илијоски негов помошник, а интересен е фактот што тренерот на Брегалница, Илчо Ѓорѓиоски во минатото му беше „ментор“ на Милан Илиевски. Двајцата беа заедно и во Македонија ЃП и подоцна во Вардар. Ѓорѓиоски имаше целосна доверба во популарниот Мичка, па му ја додели и капитенската лента во таборот на „црвено-црните“.

Двајцата беа дел од златната ера на Македонија ЃП кога ја освоија единствената титула во 2009 година. Потоа Илиевски се пресели во Вардар, па преку Металург одново се врати во таборот на „црвено-црните“. Таму го затекна Ѓорѓиоски, и се закити со титулата во 2012 година. Ѓорѓиоски потоа замина да биде прв човек на ФФМ, а Илиевски остана во Вардар па освои нова титула во 2013 година, пред да се врати во Работнички, па и таму да се закити со шампионскиот пехар во 2014 година, тогаш под водство на Игор Ангеловски.

За разлика од Ѓорѓиоски, Илиевски нема искуство како прв тренер. Тој беше помошник на Игор Ангеловски во националниот тим, а последна работа му е водење на млади категории на Вардар. Илијоски, пак, досега беше дел од младинскиот погон на Македонија ЃП, по што и двајцата ја прифатија понудата за враќање во Работнички, овој пат во нови улоги како тренери.

Се вчитува...