Суарез убеден: Светскиот фудбал го доби „новиот Џерард“!?

Луис Суарез во ексклузивното интервју за „Марка“ потенцира дека неговата етапа во Европа е завршена и нема да се врати на стариот континент, но покрај тоа што говореше за личните цели поврзани за Мундијалот, истакна едно име кое се погласно добива пофалби од цела светска јавност.

Феде Валверде тивко се пробиваше во првиот тим на Реал Мадрид, но под водство на Карло Анчелоти буквално експлодираше минатата сезона, а сега прераснува во вистинска ѕвезда.

Многумина гледаат на Феде како иден лидер во средниот ред на Реал, но Суарез тврди дека тоа што сега го гледа цела јавност, тој го воочил уште пред пет години.

„Да бидам искрен, јас уште во 2017-та година велев дека ме потсетува на Стивен Џерард. Тогаш го видов Феде во репрезентацијата и навистина ме потсети на Џерард, кој беше мој соиграч во Ливерпул. Има слични карактеристики како Стиви. Трча од шеснаесетник до шеснаесетник, има добар удар и знае да даде гол, го менува ритамот и во последно време се поблиску е до противничкиот гол. Не сакам да правам споредби меѓу играчи, но навистина се слични. Верував во потенцијалот на Феде и има извонреден прогрес. Големите ѕвезди во Реал му помогнаа да напредува“, изјави Суарез.

Се вчитува...