Бутел не успеа да се пласира во групната фаза од Лигата на Европа на ЕХФ откако македонскиот претставник го загуби и вториот дуел од австриска Алпла, овојпат во Скопје со 21-25. „Бутелци“ целосно потфрлија на овој дуел, на кој најавуваа бркање на негативата од првиот дел, но наместо тоа одиграа далеку под своите можности, претрпувајќи пораз од тимот што летово веќе го елиминираше Еурофарм Пелистер 2 од европските натпреварувања.
Особено разочарувачки делуваше првото полувреме, во кое македонскиот суперлигаш за 30 минути игра постигна само пет погодоци. На почетокот од 12. минута Бутел намали на 3-4, а од тој момент па се до крајот на полувремето овој тим постигна само два погодоци, преку Мајиќ во 18. и преку Јевтиќ во 27. минута. Австрискиот претставник знаеше како да ја искористи немоќта на домаќините во нападот, па Алпла замина на одмор со убедливи 5-12, за едно полувреме решавајќи ги сите дилеми околу победникот на овој натпревар.
Гостите од Австрија беа подобар противник и на стартот од второто полувреме, рутински контролирајќи го резултатот и поведувајќи со 10-18. Бутел во финишот успеа ја преполови негативата, преку Мајиќ и Субашевски намалувајќи на 18-22, за овој натпревар да заврши со конечни 21-25.
Мирко Мајиќ беше најефикасен во таборот на Бутел со шест гола од седум обиди, Николов беше четири пати прецизен, но од дури 11 шутеви кон противничкиот гол, Субашевски во последните десет минути постигна четири гола од четири обиди, додека Јевтиќ го заврши натпреварот со три потигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА