Со натпреварот помеѓу ТФТ и МЗТ Скопје денеска од 19 часот во СРЦ „Кале“ започнува 31. сезона во „елитата“ на македонската кошарка.
Аеродромци кои доминираат на мак-баскет сцената повеќе од една деценија со уште посилен состав по враќањето во АБА лигата се главни фаворити за одбрана на титулата, а ТФТ, Пелистер, Еуро Никел и Гостивар се тимовите од кои се очекува да му се спротивстават на деветкратниот шампион.
Денешанта средба воедно ќе претставува и реванш од битката за титула во Суперкупот на Македонија каде МЗТ Скопје ја покажа својата супериорност и без многу маки славеше против ТФТ.
„Ние сме МЗТ, влегуваме како шампиони и фаворити. Променивме доста од странците, домашниот ростер остана ист. Мислам дека тимот е во слична физиономија како и лани. Одлучивме малку да го подмладиме тимот со годините, затоа и ги направивме промените. Не чека доста тешка сезона, но целите на МЗТ остануваат исти – да се напаѓа секој домашен трофеј. Очекувам генерално една добра сезона. Екипите полека се консолидираа, Пелистер и ТФТ се добри, Еуро Никел е стандарден, Гостивар има амбициозен ростер со нов тренер. Ќе биде интересно во лигата. Секако дека МЗТ е прв фаворит, тука е и Работнички кој полека се консолидира, тоа е добро за мак-баскетот, затоа што овој клуб мора да се врати на старите патеки за подобра домашна сцена“, вели Петровиќ.
ТФТ на денешниот натпревар нема да смета на еден од странците од кои многу се очекуваше, Донован Доналдсон кој не ги исполни очекувањата и премина во Пелистер. „Црно-белите“ сеуште немаат замена за Американецот, но како и во Суперкупот, ќе дадат се од себе за победа.
„Ја отвараме оваа сезона онака како што ја завршивме минатата, имајќи в предвид дека одигравме и Суперкуп натпревар минатата недела, денешниот против екипата на МЗТ Скопје е четвртти во низа, земајќи ја предвид и минатогодинашната плеј-оф серија. Овој натпревар доаѓа во еден транзициски период за нас, влегуваме со малку изменет состав, без Донован Доналдсон кој во меѓувреме се пресели во Пелистер, како и сеуште без нови имиња во составот кои очекуваме да бидат обелоденети деновиве. Сепак веруваме во она што го имаме, напорно работиме за да бидеме подобри и со сигурност одиме да се натпреваруваме со верба за позитивен резултат на средбата. Имавме прилика да направиме дополнителна анализа на противникот и да корегираме некои од грешките од минатата недела. А, со сигурност за очекување е и да имаме подобар пристап – нешто што го ценам како клучен фактор за конечниот исход на натпреварот“, вели Смилковски.
Првото коло од новата сезона продолжува во сабота со натпреварите помеѓу Академија ФМП – Кожув, Гостивар – Пелистер и Струмица – Кожув, а ќе биде комплетирано во недела со средбите помеѓу Куманово – Чаир 2030, односно Работнички – Феникс 2010.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

