ЕКИПА Топ 5 трансфери во мак-баскетот (ФОТО)

Се е подготвено за почетокот на 31. сезона во македонската кошарка, а во пресрет на денешната средба помеѓу ТФТ и МЗТ Скопје и тоа што следи викендот, ЕКИПА направи избор на најдобрите пет трансфери во претсезоната.

Во нив се најдоа Андреј Магдевски кој се врати во дресот кој го носеше со успех во минатото, како и Страхиња Миќовиќ од кој се очекува да биде клучното засилување во новата сезона за МЗТ Скопје. Андреј Маслинко се пресели од редовите на ТФТ во Гостивар, а тимот од Тафталиџе е во центарот и на останатите два трансфера со враќањето на Лахлан Андерсон и заминувањето на Донован Доналдсон.

МВП-то на сезоната 2020/21 по една година помината во романското првенство се врати во дресот на МЗТ Скопје. Со ангажманот на Андреј Магдевски актуелниот шампион добива уште поголема свежина на бековската позиција, а и покрај тоа што репрезентативецот не одигра најдобро на отварањето на сезоната тој е еден од најдобрите македонски кошаркари и очекувањата се дека ќе ја врати посакуваната форма и ќе биде еден од лидерите на составот од Аеродром.

Лахлан Андерсон беше поентерскиот предводник на ТФТ во дебитантската сезона во македонската кошарка и се очекува повторно да го предводи „црно-белиот“ тим. Австралијанецот тоа го докажа и на воведните натпревари во сезоната и јасно е ќе претставуа најголемата опасност на клубот од Тафталиџе по походот по нови трофеи.

Донван Доналдсон за прв пат на македонската публика и се претстави во сезоната 2019/20 кога носејќи го дресот на Гостивар блесна на паркетот. Добрите настапи му донесоа трансфер во посилните првенства, а и покрај тоа што оваа претсезона заигра за ТФТ, во продолжението ќе ги носи дресот на Пелистер. Сите сме свесни за можностите на Американецот и само останува на него истите да ги потврди.

Страхиња Миќоиќ во дресот на МЗТ Скопје се претстави на Суперкупот на Македонија каде го предводеше својот тим до трофејот постигнувајќи 27 поени. Србинот кој е познат по добрата игра на двата дела од теренот со себе носи големо искуство и се очекува да биде главното оружје на „сино-белиот“ состав во сезоната која следи.

Гостивар во новата сезона повторно ќе претендира за висок пласман на крилја на Андреј Маслинко. Крилниот центар ова лето одби договор од МЗТ Скопје и се приклучи на гостиварци каде се очекува да ја има лидерската улога. Собраното искуство треба да му донесе и слобода на репрезенативецот за конечно покажување на целиот потенцијал.

Се вчитува...