Еден од најдобрите млади македонски кикбоксери, Нелсон Узеир ќе се бори во финалето во својата категорија на Светското јуниорско првенство во кикбокс кое се одржува во Лидо ди Јесоло, Италија.
Узеир во полуфиналето го победи домашниот натпреварувач Франческо Криваро, со што си обезбди финале и најмалку сребрен медал на шампионатот. Во финалето македонскиот кикбоксер ќе се бори со Агдеве Самет од Турција.
Јадранка Темелкова, пак, не успеа да се избори за финале откако во полуфиналната пресметка загуби од Анита Муминовиќ од БиХ, со што остана со бронзен медал од првенството, што е навистина голем успех за македонската натпреварувачка.
„Нелсон Узеир комплетно доминираше во денешната борба во сите три рунди, и со 3-0 се пласираше сосема заслужено во финалето. Добро е што нема посериозни повреди, има време добро да се одмори и подготви за финалната борба. Јадранка, пак, одлично ја почна борбата. Имаше водство од 3-0 во првата рунда, во втората при крај попушти за да во третата во самиот финиш не беше доволно концентрирана, па во пасивна борба загуби. По борбата видовме дека во втората рунда заработи повреда на ногата, која ја криеше, и со болки ја одработи до крај борбата. Бронзата е навистина успех за нашата репрезентативка како дебитант на шампионатите“ – ни изјави од Италија, претседателот на Кикбокс Маи-таи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски – Урко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА