Новак Ѓоковиќ на неочекуван начин се пласираше во финалето од турнирот во Астана, откако Данил Медведев го предаде полуфиналето при резултат 1-1 во сетови. Рускиот тенисер во ниту еден момент не делуваше повредено ниту пак се жалеше на болка, но видно разочаран по загубениот тајбрејк во вториот сет реши да не го продолжи мечот.
Медведев беше подобар противник во првиот сет, во кој направи два брејка наспроти еден на Ѓоковиќ и заслужено го доби сетот со 6-4. Вториот сет донесе далеку подобра игра на сервис и на двајцата тенисери, па победникот мораше да биде решен со тајбрејк. Ѓоковиќ поведе со 4-1, но Медведев се врати и при 5-5 Русинот не искористи чист зицер на мрежа. Српскиот тенисер потоа го доби тајбрејкот, а кога навивачите очекуваа беспоштедна борба и во третиот сет, Медведев ги изненади сите (меѓу нив и Ѓоковиќ) со одлуката да го предаде полуфиналето.
Новак Ѓоковиќ за противник во големото финале ќе го има Стефанос Циципас, кој денескаа славеше со 2-1 во полуфиналето против Рубљов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

