ПМФЛ: Шампионот гостува во Струмица, Шкендија ја пречекува Брегалница

Нов дуел во македонската прва фудбалска лига помеѓу „учителот и ученикот“. Но, сега двајцата како тренери. Ако минатото коло Брегалница на Илчо Ѓорѓиоски беше победена од Работнички на Милан Илиевски, кој како фудбалер беше под „палката“ на Ѓорѓиоски, денеска ќе се сретнат Александар Васоски против Гоце Седлоски. Седлоски долго време беше прв тренер на Вардар, додека Васоски беше помошник, а сега секој на различни страни.

Академија Пандев ќе мора да почне да победува ако сака да го избегне долниот дел на табелата, каде што се пласираше после неколку порази. Ниту враќањето на Васоски едноставно не успеа да ја „разбуди“ екипата, па дуелот со шампионот доаѓа во незгоден момент за „Академците“.

Од друга страна Шкупи ќе мора да собира бодови ако сака да ја стигне разликата која ја направи Струга ТЛ. Лидерот ова коло е слободен, па се чини идеална можност чаирчани да го искористат сето тоа и да се доближат на табелата. Традицијата е на страната на Шкупи, која кажува дека на последните четири дуели, чаирчани имаат само победи, а последен пат во првенството Академија Пандев триумфирала над Шкупи пред цели четири години.

Освен Шкупи, во моментов некој тим ако може да ја стигне разликата на Струга е Шкендија. Тетовци се во добра форма по враќањето на Ќатип Османи, а сега на домашен терен ја дочекуваат Брегалница. Двата тима конкурираат за горниот дел на табелата и излезот во Европа, а тоа е реално според играчкиот кадар кој го поседуваат и двете екипи. Сепак, Шкендија важи за благ фаворит поради подобрата форма и поради домашниот терен. Од друга страна Брегалница три кола не знае за победа во шампионатот.

„Сигурно не отстапуваме од нашата филозофија на игра, а тоа е напаѓачки фудбал без разлика кој е противникот од спротивната страна. Така ќе биде и против Шкендија. Не може да искажам замерки за играчите од сработеното на терен, но останува уште, се чини, најголемиот проблем а тоа е реализацијата. Не можеме да бидеме задоволни од неефикасноста во нападот, но верувам дека на следните натпревари ќе биде многу подобро и од тој аспект“, рече тренерот на Брегалница, Илчо Ѓорѓиоски.

„Со доаѓањето на Османи се чини дека го најдовме вистинскиот ритам. Сега треба да продолжиме со оваа серија и да победиме и денеска. Секој ривал заслужува почит, без разлика на позицијата на табелата. Брегалница знаеме дека е незгоден ривал за Шкендија во минатото, и затоа внималтено гледаме во овој натпревар. Ќе влеземе како да играме финале, со максимално сериозен пристап и верувам дека ќе дојдеме до нова победа“, рече голманот на Шкендија, Костадин Захов.

Во последните два натпревари, Скопје на Автокоманда го дочекува составот на Работнички. Скопје ќе мора да „собира“ бодови за опстанок, додека Работнички посакува нова победа под „команда“ на Милан Илиевски. Во Кратово Силекс важи за голем фаворит во дуелот со прилепска Победа. Кратовци ќе имаат шанси со нов триумф да се зацврстат во горниот дел на табелата, каде во моментов се на третата позиција.

ПМФЛ, 10. КОЛО (ДЕНЕСКА, 14:00)

ТЕТОВО: ШКЕНДИЈА – БРЕГАЛНИЦА
СКОПЈЕ: СКОПЈЕ – РАБОТНИЧКИ
СТРУМИЦА:АК. ПАНДЕВ – ШКУПИ
КРАТОВО: СИЛЕКС – ПОБЕДА

СТРУГА ТЛ слободна

ВЧЕРА:

ТИКВЕШ – МАКЕДОНИЈА ЃП 4:0
Ивановски 44′, 50′ (п), Нгоба 45’+1, 80′


Standings provided by Sofascore

Се вчитува...