„Не го пуштајте Ѓоковиќ во Австралија, тоа ќе биде срам за државата“

Новак Ѓоковиќ се уште е актуелна тема во австралиската јавност, откако на Србинот му беше забрането да учествува на овогодинешното издание на Австралија опен.

Во меѓувреме дојде до промена на власта во Австралија, најавите велат дека Ѓоковиќ ќе добие зелено светло за влез во државата, што би значело и укинување на тригодишната забрана за аплицирање за виза што му беше изречена при јануарската депортација.

„Јас би сакал да играм, но постои проблем со забраната за виза. Доколку тоа биде решено, со задоволство би дошол во Мелбурн да играм на Австралија опен“, изјави неодамна Ѓоковиќ.

Страстите повторно зовреа откако Карен Ендрјуз, поранешната Министерка за внатрешни работи на Австралија, апелираше до новите власти да не ни помислуваат да ја укинат забраната за влез на српскиот тенисер.

„Новак Ѓоковиќ беше казнет затоа што визата што ја имаше не беше добиена на валиден начин. Сега некој сака тоа да го укине, што би било сосема погрешно, тоа би било шлаканица за државата Австралија. Не треба да се менуваат одлуки само затоа што некој има многу пари, ако ја смените одлуката за Ѓоковиќ, ќе треба и за многумина слични на него кои од истата причина не можеа да влезат во Австралија“, прокоментира Ендрјуз.

Се вчитува...