Шабан Трстена по шести пат ги додели „Златните олимписки оскари“ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Легендата на македонскиот спорт, олимпискиот шампион од ЛОИ 1984, Шабан Трстена, продолжувајќи ја својата традиција, по шести пат денеска во хотелот „Александар Палас“ во Скопје на свечена церемонија ги додели новите пет „Златни олимписки оскари“ за личности и институции кои го поддржувале во неговата кариера.

Оваа година, боречката икона на Македонија се одлучи „Златните олимписки оскари“ да ги додели на медиуми и поединци кои долги години во неговата кариера постојано биле и се уште се негова поддршка, а меѓу добитниците и редакцијата на ЕКИПА.МК која изминатите години во своето постоење активно следејќи ги боречките спортови во Македонија го негува и делото на Трстена како наследство за младите генерации на вредностите, и спортски и човечки, кои тој ги остави како наследство за Македонија.

Добитници на „Олимписките оскари“ се и долгодишните спортски новинари кои ја следеа кариерата на Трстена, Кирил Манев, Шабан Синани и новинарот од Приштина, Кемал Гоца, како и единствениот специјализиран портал за боречки вештини во Македонија, „Ипон.мк“.

На церемонијата на доделување на оскарите во хотелот „Александар палас“ во Скопје беа и бројни гости, стопанственици, спортисти, професори, новинари и пријатели на Трстена, меѓу кои и поранешниот претседател на Сојузот на боречки спортови на Македонија, Ванчо Чифлиганец, поранешниот македонски фудбалски репрезентативец Неџмедин Мемеди, доајените на македонското спортско новинарство, Атанас Костовски, Љупчо Пирински, но и спортски работници од Косово.

„Она што ме поттикна да наградувам со „Златен олимписки оскар“ е фактот дека до титулата олимписки шампион успеав да стигна на достоинствен начин, со храброст и самодоверба. Така го остварив сонот што си го поставив како цел, да стигнам до врвот на спортските остварувања. Задоволство е кога се чувствуваш почитуван од вистинските луѓе, посебно од луѓето во мојот роден град, од цела Македонија и насекаде на Балканот. Како спортист на 20 век, преку доделувањето на овие „Златни олимписки оскари“, изразувам благодарност на луѓето кои беа со мене и воедно, изразувам голема почит за секој што дал придонес и знаел да го цени и да го вреднува мојот успех и вредностите на спортот во целина, посебно на олимписките вредности“ – истакна Шабан Трстена.

Претходните години, добитници на „Златните олимписки оскари“ беа и претседателот на МОК, Васил Тупурковски, Агенцијата за млади и спорт, поранешнит селектор на боречката репрезентација, Насе Насев, Милош Вучидолов – доктор на репрезентацијата и Хајруш Синани како негов тренер. Но, доајените на македонското спортско новинарство, Миодраг Мицковиќ, Атанас Костовски, Зоран Михајлов, косовскиот новинар Агим Касаполи, новинарите Решат Ибраими и Атанас Кировски, публицистот Сефер Тахири, директорот на Градската болница „8 Септември“, Игор Костов како и продуцентот на филмот „Кобра“, Томи Салковски, како и медиумските куќи МТВ и Алсат.

ШАБАН ТРСТЕНА – СКРОМНОТО МОМЧЕ ОД СИРОМАШНО СЕМЕЈСТВО ДО ВРВОТ НА СВЕТОТ ПОКОРУВАЈЌИ ГИ И НАЈМОЌНИТЕ СВЕТСКИ ДРЖАВИ

А, иако само малкумина можеби не знаат кој е Шабан Трстена, мало потсетување за момчето кое потекнува од „Јахја Паша“ во населба Чаир, Скопје, во време кога таму речиси сите улички биле неасфалтирани и со кал, во скромно маало со скромни куќи… На 1 јануари 1965 година, госпоѓата Садие го роди момчето кое подоцна, во текот на животот успеа да го покори светот со својот спортски успех. Иако ова дете се роди во скромно семејство, без многу материјални добра, сепак имаше моќ да сонува големи соништа.

„Најважно, бидејќи никој не се родил како шампион, туку шампион се станува – истото ова дете покажа дека има уште една, уште поголема моќ – да работи напорно, да верува, да не се предава и да направи – соништата да станат реалност“ – ќе рече Шабан Трстена, кој секогаш потсетува на фактот дека ниту еден спортски успех не е случаен, а најмалку освојувањето на златен олимписки медал.

Шабан Трстена на патот до успехот ете и до денес се уште го држи рекордот за најмладиот борач кој на само 19 години, во 1984 година во Лос Анџелес пред преполна сала која навиваше за неговиот противник, оствари победа и го исполни олимпискиот сон стигнувајќи до златото. И четири години подоцна, на Олимпијадата во Сеул се најде меѓу најдобрите, го освои олимпиското сребро но овој пат и среќата не беше на негова страна бидејќи повредата на неговото колено му го отежна натпреварувањето и го спречи да ја одбрани титулата од Лос Анџелес.

„Јас, Шабан Трстена не се откажувам и не се предавам пред вас. Нема да потклекнам пред моќните држави, бидејќи имам голема доверба во мојата спортска душа и целосно убедување дека со голема работа и посветеност ќе стигнам до таму…..и, ќе ве победам….“ – е најпознатото движечко мото на Трстена.

Во текот на својата богата кариера, Трстена постигна вкупно 757 победи на светските арени низ целиот свет. Освои се што може да освои еден спортист: олимписки шампион, олимписки вицешампион, освојувач на осум медали од Европски првенства, два медали од Светските првенства, три медали од Балканските првенства и трикратен освојувач на Медитеранските игри.

Шабан Трстена беше прогласен и за Спортист на СФРЈ во 1984 година во конкуренција на огромен број врвни спортисти. Беше прогласен и за Спортист на милениумот во 2000 година. Двапати во неговата кариера е прогласен за најдобар борач на светот и Европа, и тоа во олимписките години кога освојува злато и сребро. Прогласен е и за Спортист на 20. век во Македонија, седум пати најдобар спортист на Македонија и десет пати најдобар спортист на Град Скопје. Беше плус и европски шампион во 1984 и 1991 година, освојувач на сребрени медали на првенствата во 1983, 1985 и 1986 година и бронзени во 1982 и 1988 година. Оваа година од страна на претседателот Стево Пендаровски е одликуван со Орден „8 Септември“, највисоко државно признание кое го доделува претседателот на Македонија.

Се вчитува...