Приказната за златото на Шабан Трстена – доцнењето на авионот, борбата со Американецот и преполната сала во Лос Анѓелес па до величествениот пречек во Белград!

Пишува: Атанас Костовски

Големите спортисти – еднаш великани, остануваат карактерно големи до крајот на својот живот, и тогаш кога никој не го очекува тоа од нив. По тоа се препознаваат и се издвојуваат од сите останати. Македонија е среќна што има еден таков во името на Шабан Трстена кој и 38 години откако го освои спортскиот Олимп со златниот олимписки медал на ЛОИ 1984 во Лос Анѓелес, ја продолжува својата уникатна големина.

Навистина убаво се чувствувам секоја година како гостин на манифестацијата „Златни олимписки оскари“ кои Шабан Трстена, единствен во Македонија но ми се чини и во Европа, ги доделува во знак на благодарност за сите лица и институции кои силно ја следеле неговата кариера и поддржувале на патот до светските височини. А, за жал, малкумина ги има од оние големите кои знаат да се заблагодарат. Оваа година, вчера во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, беше во знакот на новинарите. Шабан издвои пет новинари и медиуми на кои со олимпискиот оскар им се заблагодари на поддршката која ја добива, а меѓу нив, на мое задоволство и колегите од ЕКИПА кои долги години се грижат за негувањето на ликот и делото на Шабан Трстена. Што би се рекло, само големите спортисти раѓаат и големи новинари!

А, ете, случајно или не директно вклучен во креирањето на ликот и делото на Трстена бев и самиот, во таа славна 1984 година која го вивна нашиот златен олимпиец до светските височини. И, не почна се баш според посакуваното. Бев единствениот новинар од Македонија кој ќе ги следи Летните олимписки игри 1984 во Лос Анѓелес. Целокупната делегација на Југославија, во која и 140 спортисти, требаше во 10 часот наутро да полета за САД. А јас, единствениот новинар од Македонија го очекував својот авион од Скопје за да се приклучам на делегацијата во Белград. Но, непосредно пред полетувањето пукна гумата од предното тркало на авионот. За замена, во тоа време, мораше да се чека достава од најблискиот аеродром до скопскиот, а тоа беше оној од Титоград, денешна Подгорица. И нормално летот доцнеше, па целата олимписка делегација на Југославија ме чекаше веќе влезена во авион во Белград да пристигнам, за да може да почне олимпискиот лет до Лос Анѓелес.

Безбедносните служби на поранешната држава си го направија своето, па за да се скрати чекањето добив специјална дозвола директно по слетувањето на авионот од Скопје на писта да се префрлам брзо директно до авионот на олимписката делегација за Лос Анѓелес. Сите спортисти, тренери, раководството на Олимпискиот комитет, челници на националните федерации и колегите новинари ме пречекаа со громогласен аплауз. Позајмувајќи го микрофонот од стјуардесата низ смеа дофрлив:

„Би сакал еден ваков аплауз сите заедно да не пречека кога ќе се вратиме назад, со грст освоени медали“.

Се сеќавам по пристигнувањето во авионот, Шабан Трстена, онака кратко ми прошепоти: „Ова чекањево ќе донесе нешто убаво, сигурно“.

Шабан Трстена на пиедесталот во Лос Анѓелес

И, навистина не погреши. Донесе. Шабан Трстена со неполни 19 години во Лос Анѓелес стана најмладиот олимписки шампион, рекорд кој и ден денес не е соборен во боречките спортови. Беше миленикот на целата југословенска делегација, затоа што малкумина очекуваа да се издигне така лесно до врвот. Посебно што во една од клучните борби се бореше против американскиот пулен Џо Гонзалес кој беше протежиран и од судиите во желбата да дојде до златниот медал. Во таа борба не пречека полна сала и запалени Американци за победа. Но, Шабан беше феноменален, се бореше и против целата сала во жешка атмосфера и на крај победи со 6-3 за потоа пласман во полуфиналето и битка со светскиот шампион од Јапонија па се до големото финале.

А во финалето победи против Кореецот Ким Јонг Кју. Радоста и златниот медал ги прослави со акробатско салто. Тој начин на прославување ги освои и симпатиите кај сите.

Препознатливото салто по златото на ЛОИ 1984

„Ако не беше најдобриот борач кој светот го запозна, тогаш слободно може да биде и новиот Мирослав Церар“ – прокоментирав во преносот од Лос Анѓелес.

ДУРИ ЕДНА ЧЕТВРТИНА ОД МЕДАЛИТЕ НА ЈУГОСЛАВИЈА НА ЛОИ 1984 БЕА ОД МАКЕДОНИЈА

Трстена ги освои срцата на цела Југославија таа 1984 година. Но, Македонија на тие олимписки игри навистина имаше со што да се гордее. Југославија ги заврши Олимписките игри со рекордна жетва на медали, вкупно 18 од кои 7 златни. А, со дури пет медали се закитија македонските спортисти, што би се рекло една четвртина од вкупниот број на СФРЈ. Трстена дојде до златото, а во борење Шабан Сејдиу ја освои бронзата. Со сребро се закити Реџеп Реџеповски а Азис Салиху со бронза во бокс, и Милко Ѓуровски дојде до бронзениот медал со фудбалската селекција.

Костовски во друштво на спортските коментатори од Загреб и од Белград, Јура Додик, Драган Никитовиќ и Божо Сушец на ЛОИ 1984 во Лос Анѓелес

Сето тоа донесе огромна гордост за мене, но и за селекторот на репрезентацијата во борење Насе Насев, и признание од сите колеги новинари од Љубљана, Загреб, Белград, Подгорица, Сараево, Приштина… Гордост да се биде Македонец.

Ние од Македонија, всушност, имавме посебно место на величествениот пречек на делегацијата во Белград кој беше пренесуван во живо. Југославија како никогаш дотогаш дојде до 18 медали, што ја смести меѓу најуспешните 10 спортски нации во светот.

Ете така Македонија, поранешна СФРЈ, Балканот но и светот го добија Шабан Трстена. Име кое со гордост и денеска се спомнува во светот на борењето. Младиот Шабан во неколку интервјуа пред заминувањето на ЛОИ во Лос Анѓелес нагласуваше дека „негов сон е да стане Мохамед Али“. Ете таа желба не му се исполни. Затоа што стана ШАБАН ТРСТЕНА! Име со златни букви испишано во историјата на светскиот спорт!

Се вчитува...