Овој викенд на кошаркарските терени ширум Македонија започна битката за пласман во „елитата“ на македонската кошарка. Шестте одиграни натпревари донесоа возбудувања и голема неизвесноста, а победникот на некои од средбите беше одлучен во самата завршница.
Во СРЦ „Кале“ Михајло Митев го предводеше тимот на Соколи 1933 до значајна победа против МЗТ Скопје 2 во поени зад линијата 6,75 на три секунди пред крајот на мечот. Последниот напад им припадна на „штркчињата“, но домаќинтие не успеаја да реализираат тројка за пораз од 73-75.
Неизвесно беше и во „Градски парк“ каде во репризата на минатогодишното финале во Третата лига, Куманово славеше со минимални 79-80 против Работнички. На гостинска победа се радуваа и Шкупи кој славеше во Струга против Црн Дрим со 88-91, Басет КАМ кој ја забележа најубедливата победа во 1. коло славејќи со 56-75 во домот на Борец Баскет, и Ангели кои го добија дерби мечот против Вардар со 69-74.
Својот дом го одбрани само ГКК Охрид кој во „Билјанини Извори“ славеше со 76-61 против Водно Санс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА