Поранешниот фудбалер на Вардар а актуелен играч на албанската Тирана, Кристијан Тошевски е само еден од тројцата интернационалци кои се повикани од македонскиот селектор Благоја Милевски за пријателскиот натпревар со Саудиска Арабија кој Македонија ја очекува на 22. октомври во Абу Даби.
Националниот тим, составен главно од фудбалери од домашното првенство, денеска на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во Скопје ги стартуваше подготовките за пријателската пресметка која треба да даде одговори за стручниот штаб кои фудбалери заслужуваат и повик за квалификацискиот циклус за ЕП 2024.
Тошевски, кој досега има осум настапи за македонската репрезентација, нагласува дека сите повикани во националниот тим носат огромен мотив за докажување, но секако и за позитивен резултат затоа што Македонија веќе во светски рамки мора постојано да го демонстрира својот квалитет.
„Секој натпревар во дресот на македонската репрезентација е важен. Така е и со пријателскиот натпревар со Саудиска Арабија за кој сите кои сме тука носиме голем мотив за вистинско надигрување. Јас сум среќен што повторно се враќам во репрезентацијата, добро се познаваме со поголемиот дел од повиканите играчи и сигурни сме дека исполнувајќи ги задачите на селекторот Благоја Милевски можеме до позитивен резултат во Абу Даби“ – истакна Тошевски пред денешниот прв тренинг.
Македонската селекција во Скопје ќе одработи уште еден тренинг пред утрешното попладневно заминување за Саудиска Арабија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА