Пелистер неочекувано лесно и убедливо го декласираше тимот на ТФТ со 75-65 во македонското дерби во првото коло од АБА2-лигата, на турнирот што се одржува на Златибор. Тренерот Илиевски се соочуваше со проблеми на плејмејкерската позиција, каде покрај повредениот Доналдсон не настапи ниту репрезентативецот Стајиќ, но тоа не ги спречи битолчани да одиграат беспрекорни 30 минути во кои му одржаа лекција на актуелниот освојувач на Купот на Македонија. ТФТ беше подобар ривал само во последните десет минути, во кои скопскиот клуб се спаси од дебакл на дебито во ова регионално натпреварување.
Од самиот почеток стана јасно дека Пелистер ќе доминира на овој натпревар, битолчани многу подобро се снајдоа на теренот, додека кошаркарите на ТФТ делуваа преимпресионирано на својот премиерен натпревар во АБА2 лигата. Пелистер лесно го наоѓаше патот до кошот на противникот, Караџовски погоди две тројки во раната фаза од мечот, а под обрачите одлично се снаоѓаа Мустафица и Хаџифезовиќ. Избраниците на Марјан Илиевски ја добија првата четвртина со преубедливи 25-8, а за немоќта на ТФТ најдобро говори фактот што скопскиот клуб стигна до двоцифрен број на поени дури во 15. минута од дуелот, кога Бишоп биеше прецизно од далечина. ТФТ само кон крајот на полувремето солидно парираше, но не успеа да се приближи, па на одмор замина со негатива од 23-41.
Третата четвртина донесе слични случувања како и првиот период, Караџовски го предводеше шутерското шоу на битолчани, додека Мустафица и Хаџифезовиќ ја продолжија доминацијата во рекетот. Смилковски немаше одговор за ваквото издание на противникот, па мораше да побара тајмаут при негатива од 27 поени во 27. минута од мечот (61-34). Пелистер продолжи да доминира до крајот на третата четвртина (65-36), за ТФТ да заигра подобро во последниот период од овој натпревар (10-29), што битолскиот клуб заслужено го доби со конечни 75-65.
Најдобар поединец на натпреварот беше Хаџифеџовиќ со 28 поени, шест скокови и шест асистенции, Мустафица реализираше 16, а Караџовски 12 поени. Во редовите на ТФТ најефикасни беа Мекбрајер со 14 и Ташовски и Бишоп со по 11 поени.
Македонските претставници своите натпревари од второто коло ќе ги играат в среда, ТФТ ќе се сретне со Сутјеска од Црна Гора, додека Пелистер ќе брка втора победа против словенечкиот претставник Шенчур.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА