Гостивар е првиот тим што сезонава го зеде скалпот на МЗТ Скопје, апсолутно заслужено ако се земе во предвид фактот дека избраниците на Малинков повеќе од 35 минути имаа водство во „Јане Сандански“, максимално користејќи ја опуштеноста и преголемата самоувереност со кој актуелниот шампион влезе во мечот.
„Металците“ со мислите беа на саботниот меч со Студентски Центар, впрочем и мечот го стартуваа без речиси целата почетна петорка, но тоа се покажа како огромна грешка. Почетната негатива од 0-11 беше надополнета, но гостиварци од самиот почеток се здобија со самодоверба, видоа дека можат да се надигруваат со шампионот и на крај го зедоа неговиот скалп.
Секоја чест за Гостивар за прикажаната игра, на Маслинко за поените за победа. Поразот сам по себе не е преголем удар за аеродромци на стартот од сезонава, но сигурно е шлаканица што треба да ги разбуди Петровиќ и неговите кошаркари. Бидејќи штом не можат да доминираат на домашната сцена, не е ни чудо што делуваат толку бледо во силната АБА1 лига.
Овој пораз нека биде предупредување дека се мора многу подобро, особено на саботниот дуел со Студентски Центар што „металците“ однапред си го запишаа како идеален за прва радост во АБА1. Само што, за такво нешто ќе мора да се остави срце на терен од почеток до крај, нешто што не се случи на денешниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА