Малинков: Гостивар покажа дека е тим со квалитет и со победнички карактер

Гостивар во голем стил го стартуваше новиот македонски шампионат, во првото коло совладувајќи го вицепрвакот Пелистер, за синоќа во рамките од втората рунда гостиварци на гостински терен да го совладаат актуелниот шампион МЗТ Скопје.

Триумфот на избраниците на тренерот Љупчо Малинков е апсолутно заслужен ако се знае дека гостиварци го отворија мечот со предност од 0-11 и потоа имаа водство речиси во целиот натпревар, со исклучок на мали делови во кои МЗТ само накратко поведуваше.

„Морам да бидам горд кога ќе се стартува сезоната на ваков начин. Најголемите честитки ги заслужуваат моите кошаркари, кои одиграа два одлични натпревари и покажаа дека Гостивар е тим со квалитет и со победнички карактер. Дуелот со МЗТ Скопје беше супердраматичен и пресреќен сум што покажавме карактер кога беше најважно, го реализиравме нашиот последен напад, а потоа и го одбранивме последниот налет на домаќините. Имавме доволно време да се подготвиме, одлично го анализиравме противникот и знаевме точно како треба да се браниме и каде да напаѓаме, да ги користиме слабите страни во играта на МЗТ. Презадоволен сум од стартот, но и свесен дека сезоната е долга и ќе мора да продолжиме во ист стил и на наредните натпревари. Во следниот период очекувам да потпишеме уште еден странски кошаркар, со што уште повеќе ќе го засилиме играчкиот ростер на тимот“, изјави Малинков.

Се вчитува...