Петровиќ го знае рецептот за победа против Студентски Центар – се започнува од одбраната

МЗТ Скопје немаше среќа во воведот од сезоната во АБА лигата во кој во првите три меча се соочи со три претенденти за титула. Аеродромци загубија од Црвена Звезда, Партизан и Будуќност, но утре од 20 часот и 30 минути во СЦ „Јане Сандански“ ќе го имаат првиот вистински предизвик за прва победа во регионалното првенство.

Во храмот на „штрковите“ гостува Студентски Центар кој досега славеше само во натпреварот против Цибона. Тренерот Александар Петровиќ го знае рецептот за победа кој започнува од одбраната.

„Пред нас е прв патпревар против тим надвор од големата четворка, со кого можеме рамоправно да се надигруваме и да се надеваме на прв триумф во друштво на најдобрите во регионот. Студентски Центар е тим што игра брза и модерна кошарка и ќе ни треба да одиграме најдобро што можеме за да дојдеме до посакуваната цел. Мора да настапиме агресивно, да имаме добра одбрана и да скокаме подобро од ривалот. Многу ќе зависи од нашиот контранапад, кој до сега не беше на нивото кое посакував да биде. Крајниот заклучок е дека ако ни проработи шутот, ако имаме лесни поени во контанапади и ако бидеме цврсти во одбраната, тогаш ќе дојдеме блиску до првата победа во АБА“, вели Петровиќ.

Бре Ајви вели дека тој и соиграчите се подготвени за мечот против црногорскиот состав кој е од големо значење за самиот тим и навивачите.

„Нашата цел е да истрчаме против Струдентски Центар и да одиграме најдобро и најцврсто што можеме во моментот. Потребна ни е таа прва победа во АБА, за нас самите, но и за навивачите кои ни даваат голема поддршка. Јас сум подготвен, а тренерот изминатиов период направи се за тимот да биде на посакуваното ниво, потребно за да се добие дуел во ова екстремно силно натпреварување“, додава Американецот.

Се вчитува...