Олимпијакос останува со максимален ефект од стартот на сезоната, а успехот на грчкиот гигант е уште поголем ако се знае дека во три од првите четири кола гостуваше во Шпанија и секогаш успеваше да најде начин да стигне до победата. По триумфите над Реал Мадрид и над Барселона, денеска Олимпијакос гостуваше на Басконија, меч што по голема битка избраниците на Барцокас го добија со 92-97.
Дуелот изобилуваше со пресврти, Олимпијакос ја доби првата четвртина со 16-32, но Басконија возврати со извонредна игра во вториот период (31-10). Домаќините имаа предност се до последните десет минути, кои Олимпијакос ги одигра беспрекорно, добивајќи ги со 18-32 за целосен пресврт и нова голема победа. Везенков ги предводеше победниците со 26 поени, а одличен беше и Костас Слукас, реализирајќи 20 поени и шест асистенции.
Европскиот првак Ефес по голема битка успеа да ја совлада Алба со 78-74-, нанесувајќи му го на берлинскиот евролигаш првиот пораз сезонава. Алба повторно настапи без неколку стандардни првотимци, германскиот тим на долги периоди имаше и водство, но сепак потклекна во финишот. Мициќ беше најдобар поединец на мечот со 20 поени и 11 асистенции, додека Клајбурн имаше дабл-дабл од 16 поени и 11 скокови, но и слаб шут од поле.
Монако по голема битка славеше во Атина над Панатинаикос со 80-83. Херој на „кнезовите“ беше Мајк Џејмс со 27 поени, додека еден повеќе за ПАО постигна Вилијамс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА