Раководителот на Oдделот за безбедност и интегритет во Фудбалската федерација на Македонија Роберт Марковиќ доби нова одговорна задача од Комисијата на УЕФА бидејќи ќе се грижи за безбедноста на реванш-мечот во групната фаза од Конференциската лига меѓу францускиот клуб Ница и белградски Партизан кој ќе се одигра на 27. октомври.
Марковиќ претходно е грижеше за безбедноста и на првиот меч меѓу овие два клуба што се одигра минатиот месец во Белград на кој Партизан победи со 1-0. Инаку како што е познато, на средбата меѓу Ница и Келн, во првото коло од групната фаза, дојде до голем инцидент на трибините меѓу навивачите на двата клуба, што предизвика едно време и прекин на средбата.
Токму затоа мечевите на Ница се прогласени за висок ризик поради нејзините воинствени навивачи, поради што грижата за безбедноста е во преден план. Тоа покажува дека македонскиот комесар за безбедност Роберт Марковиќ високо котира во таа комисија на УЕФА. Впрочем, тој пред две недели се грижеше и за безбедноста на мечот во Лигата на шампионите во Неапол меѓу Наполи и Ајакс/4-2/.
Неочекувано, во последен момент пред почетокот на турнирот во футсал во Лигата на шампионите, трета група, што ќе се одржи во градот Гзира на Малта од 25 до 29 октомври, покана да суди доби и третиот македонски судија со меѓународна футсал категорија, гевгеличанецот Доне Ристовски. На турнирот ќе играат прваците на Шпанија, Холандија, Словачка и Малта. Покрај Ристовски ќе судат и судии од Португалија, Италија и Белгија. Како што веќе објавивме, во истиот термин Марјан Младеновски ќе суди на турнирот во Лигата на шампионите во Литванија, Јосип Бартон во Белгија.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА