Финансискиот прилив во Работнички носи и две нови засилувања со кои најтрофејниот клуб во македонската кошарка ќе цели на висок пласман. Станува збор за добропознатиот Пол Џексон кој во почетокот на претходната сезона ги бранеше „црвено-белите“ бои, а сега повторно е блиску до потпис, како и Камерон Форте кој ќе дебитира на мак-баскет сцената.
Пол Џексон беше лидер на Работнички на стартот на претходната сезона, а американскиот бек повторно се очекува да биде ударна сила за центарци. На 11 одиграни средби забележа просек од 23.8 поени, 6.4 асистенции и 3.4 скока, но замина во Полска по финансиките потешкотии.
Камерон Форте пак ја покрива крилната позиција и во Македонија доаѓа од мексиканското првенство каде настапуваше за Каракаминос. На 10 одиграни средби забележа дабл-дабл просек од 23.0 поени и 11.3 скока со што се очекува да биде голема помош во битката под обрачите.
Дваесетидеветгодишникот има и богато искуство настапувајќи во Канада, Чиле, Доминиканска Република, Унгарија, Исланд, Филипини, Тајван и Уругвај, како и во соседно Косово за Сигал Приштина во сезоната 2016/17.
Двата кошаркари нема да бидат во комбинација за денешниот дерби натпревар против МЗТ Скопје, но се очекува да дебитираат веќе во следното коло во кое Работнички гостува кај досега непоразениот Гостивар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

