Загрижувачки вести пристигнуваат од Подгорица, откако црногорските медиуми објавија дека кошаркарот на Будуќност, Алфа Каба, колабирал додека чекал ред во банка во главниот град на Црна Гора. Тој при падот незгодно се удрил со главата во вратата до него, по што останал без свест се до доаѓањето на итната помош, со чие возило бил пренесен во Ургентниот центар во Подгорица.
Од таборот на Будуќност го потврдија несреќниот случај, потенцирајќи дека врз Каба се вршат детални прегледи, а првичните резултати се охрабрувачки.
„Членот на нашиот тим, Алфа Каба, во текот на денешниот ден имал несвестица, по што му е укажана прва помош. Каба се чувствува добро, а првите резултати што ги добивме се во ред. Нашиот медицински тим ќе се погрижи во најскоро време да бидат извршени детални лекарски прегледи врз Алфа Каба“, обjaви КК Будуќност.
Сепак, мора да се истакне дека ова не е прв здравствен проблем на Алфа Каба сезонава, тој минатиот месец имаше тешко воспаление на белите дробови, по што на 2 октомври колабираше на тренингот на Будуќност, пред мечот со Сплит на отворањето на новата сезона од АБА-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА