Ди Марија: Престанете со лагите, некој си поигрува со мојата иднина во Јувентус

Репрезентативецот на Аргентина и играч на Јувентус, Анхел Ди Марија се огласи во јавноста откако одекнаа информациите дека во јануарскиот преоден рок ќе го напушти тимот на „старата дама“.

Фановите на Јуве не чекаа долго, па веднаш го кренаа гласот против Аргентинецот кога медиумите објавија негова наводна изјава дека сака кариерата да ја заврши во Аргентина, во дресот на Росарио Централ.

На социјалните мрежи Аргентинецот ги демантираше информациите дека сака да го напушти Јувентус.

„Има толку многу лаги за мојата иднина. Онаа изјава за Росарио Централ е дадена одамна, многу одамна… Некој измислил приказни за моето заминување од Јувентус во јануари, си поигрува со мојата иднина … јас ќе кажам само дека тоа не е вистина. Нема да заминам во јануари бидејќи сум среќен во Торино и во овој врвен клуб. Затоа, време е да престанете да објавувате лажни информации“, потенцираче Анхел.

Ди Марија, во летниот преоден рок, како слободен играч пристигна во Торино. Требаше да биде големо засилување, но поради повредите, досега одигра само 187 минути. Не е познато е дали Ди Марија ќе се врати во тимот на Јувентус до мундијалската пауза.

Се вчитува...