Раул го откачи Шалке, тој има само еден сон

Шалке вчера го именуваше Томас Рајс за нов шеф на стручниот штаб, но овој стручњак бил само втора опција кон која „сино-белите“ се свртеле откако биле одбиени од Раул Гонзалес Бланко.

Прославениот шпански голгетер пред крајот на својата играчка кариера со успех го носеше дресот на Шалке, па управата на клубот сега се обиде да го ангажира и како тренер. Раул, кој моментно работи како тренер на младинската екипа на Реал Мадрид, без размислување ја одбил оваа понуда, исто како и неколкуте што ги доби од клубови од Германија и од Шпанија во текот на летото.

Извори блиски до големиот ас тврдат дека тој има само еден сон – еден ден да седне на клупата на Реал Мадрид и верува дека тоа може да му се оствари доколку сега остане во клубот. Тој за пример го има големиот Зинедин Зидан, кој работеше со младинскиот тим пред да добие шанса со првата екипа, исто така во период во кој Анчелоти седеше на клупата на „кралевите“.

Јасно е дека Карло Анчелоти во моментов е недопирлив кај Флорентино Перез, но Раул е трпелив и би останал во клубот уште неколку години, се со цел еден ден да ја добие „главната награда“ – клупата на најтрофејниот европски клуб.

Се вчитува...