Четири дена по одигрувањето на 12. коло, денеска продолжуваат прволигашките возбудувања со неколку интересни натпревари. Дербито е во Ѓорче Петров, каде што играат освојувачот на Купот Македонија ЃП и освојувачот на титулата Шкупи. Интересно ќе биде и во Струмица, каде се среќаваат „ранетите“ Академија Пандев – Работнички. Шкендија е во форма, но сега има тешко гостување во Кратово, а Струга ТЛ ќе се вади за поразот од Прилеп со домашен натпревар против Брегалница. Тивкеш и Победа ќе ги одмерат силите во Кавадарци во меч во кој и двата тима се во добра форма, и покрај тоа што Тиквеш минатото коло загуби од Шкупи.
Македонија Ѓорче Петров на домашен терен може да победи секого, па дури и екипата на Шкупи. „Лавовите“ оваа сезона играат во стил „топло-ладно“, а Шкупи по враќањето на Гоце Седлоски влезе во победничка серија, и освојува бодови, и се доближи на само четири бодови од лидерското место. Ѓорчепетровци се во серија од две победи, после катастрофата од Тиквеш, а Шкупи е во победничка низа од четири натпревари со 12 дадени и само два примени гола. Првиот меч меѓу овие два тима заврши со триумф на Шкупи од 2:1.

Дуел на ранетите е во Струмица, каде што се среќаваат два тима кои се во очајна форма. Академија Пандев не знае за победа шест прволигашки натпревари, додека Работнички последниот триумф го има на 1. октомври, и потоа следуваа серија од три порази и еден нерешен резултат. Двата тима сакаат победа за да се извадат од оваа агонија, и да фатат една победничка серија која ќе ги „лансира“ кон средината на табелата.
Кратово е секогаш незгодно гостување за Шкендија, а со оглед на формата и на двата тима се очекува интересен натпревар. Струга Трим Лум после неочекуваниот пораз во Прилеп, го пречекува составот на Брегалница, со надеж дека ќе се врати на победите. Струга ТЛ загуби на последните два меча, и ја загуби предноста на табелата на првото место. Брегалница после серијата лоши резултати, во средата го совлада составот на Академија Пандев.
Во Кавадарци, Тиквеш и Победа ќе играат натпревар во кој императивот за двата тима е победа. Одличната серија на кавадарчани ги вивна во топ 5 екипите на табелата, а Победа со последните игри и резултати се извлече од дното и сега „испливува“ кон помирни води.
ПРВА ЛИГА, 13. КОЛО (ДЕНЕСКА, 13 ЧАСОТ)
Струмица: АК.ПАНДЕВ – РАБОТНИЧКИ
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКУПИ
Кратово: СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА
Струга: СТРУГА ТЛ – БРЕГАЛНИЦА
Кавадарци: ТИКВЕШ – ПОБЕДА
СКОПЈЕ слободен
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

