Белгискиот селектор Роберто Мартинез смета дека отсуството на „незаменливиот“ Ромелу Лукаку на Светското првенство во Катар би ја натерало неговата репрезентација да го промени начинот на игра.
Лукаку има повреда на тетивата, откако неодамна се врати по пауза од два месеци, а под знак прашалник е и неговиот настап на Светското првенство во Катар. Белгија го отвора првенството против Канада на 23 ноември, а е во групата со селекциите на Мароко и Хрватска.
Сепак, тимскиот лекар Кристоф Сас ја опиша последната повреда на Лукаку како „пречка“, а не дека не постојат шанси играчот да игра на Светското првенство.
„Ова не е крајот на проблемот, туку е назадување за самиот играч, неговиот клуб и белгиската репрезентација“, изјави Сас.
Минатата недела Мартинез зборуваше за важноста на Лукаку за неговиот тим и како покрива голем број на напаѓачки позиции во тимот. Без него, тој потенцијално би морал да ја промени средината и офанзивната линија.
„Секоја репрезентација има незаменливи играчи. Погледнете ја Аргентина со Меси, Хрватска со Модриќ, Шпанија и Германија со и без нивните најдобри играчи. Во нашиот случај тоа се Куртоа, Де Брујн и Лукаку. Не можете да ги замените еден по еден. Ако тие не играат, ние мора да играме на поинаков начин. Ако го нема Лукаку, можеби треба да играме со повеќе напаѓачи … сепак, јас верувам дека Лукаку брзо ќе се опорави“, изјави Мартинез за Њусблад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА