Мицевска: Репрезентацијата ја краси голема мотивација и колегијалност, ајде девојки да го израдуваме македонскиот народ

Женската ракометна репрезентација на Македонија по пауза од десет години се враќа на големите натпреварувања, откако од 4. до 20. ноември ќе биде домаќин заедно со Словенија и Црна Гора на Европското првенство.

Македонија се најде во тешка група заедно со репрезентациите на Франција, Холандија и Романија. „Црвено-жолтите“ девојки ќе имаат многу тешка задача да ја минат оваа група, но целта е да се земе скалпот на некој од фаворитите.

Првата голманка на „црвено-жолтите“ девојки вели дека иако имаат тешки противнички на шампионатот таа и нејзините соиграчки ќе дадат максимум да го израдуваат македонскиот народ.

„Во исчекување сме на едно големо натпреварување и целосно сме фокусирани да се покажеме во најдобро светло. Сите емоции и мисли ни се насочени натаму и одвај го чекаме првиот натпревар. Играме против квалитетни селекции, така што одговорноста е голема, но ние имаме многу голема желба, мотивација, колегијалност и верувам дека можеме да го израдуваме македонскиот народ. Овие денови ги користиме да ги одработиме нашите финални подготовки и со сите сили да играме за нашата татковина. Би сакала да не поддржат што повеќе навивачи, секако затоа што е на домашен терен, тоа ќе ни даде сила плус“, изјави Мицевска за ЕКИПА.МК.

Македонија шампионатот го почнува на 5. ноември со мечот против актуелниот олимписки шампион Франција. Два дена подоцна играме со Холандија, додека првата групна фаза ја завршуваме со мечот против Романија на 9. ноември.

Се вчитува...