Мукаетов: Се трошат пари за турбо-фолк ѕвезди, а нашите ракометарки играат за Македонија и заслужуваат поддршка

Првиот човек на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, како гостин на ТВ-емисијата Топ Тема уште еднаш се осврна на проблемот со цената на билетите за овој шампионат. Тој потенцираше декацената е диктирана од страна на Европската Ракометна Федерација ЕХФ, додека РФМ од своја страна успеа да обезбеди субвенции од 40% од висината на билетите за да овозможи што поголем број на навивачи да може да присуствуваат во СЦ „Борис Трајковски“.

Мукаетов побара што поголема поддршка за нашата репрезентација, потсетувајќи дека билетите сепак не се премногу високи ако се споредат со она што македонскиот народ го плаќа за концерти на музичари од регионот.

„Цената на билетите е одлука на ЕХФ, нивната прва идеја беше најевтиниот билет да биде 35 евра за што ние како РФМ изричито застанавме дека тоа е неприфатливо за нас, прво објективно како просечна плата за која знаеме и економска ситуација во која е секој наш граѓанин. Нашите граѓани кои масовно доаѓаат на Европските првенства знаат дека најевтините билети се од 20-на евра па нагоре и затоа нашето максимум што можевме да излобираме 15 евра да биде за најниска карта. Знаевме дека ќе доведе до огромни предизвици за салите да бидат полни. Потоа со спонзорите во федерацијата дојдовме до идеја за дополнителен попуст од 40 отсто за да дојдеме до колку толку пристојна цена. Свесни сме дека тоа е скапо, зашто знаеме кога машката репрезентација ги игра клучните мечеви, цените на билетите се 50 или 100 денари или 100 и 200 денари. Не сме поборници за скапи карти, туку ова беше нешто што го наметна ЕХФ“, вели Мукаетов.

„Затоа апелирам и ги повикувам сите сограѓани да дојдат да им дадеме поддршка на девојчињата, сепак е Европско првенство, се игра во Македонија и од тој аспект треба да застанеме зад нив. Од друга страна исто треба да бидеме реални и да кажеме дека на македонскиот граѓанин, на одредена структура, не им е проблем да дадат за некоја турбофолк ѕвезда тука по 800, 1.000 или 1.200 денари. Сепак мислам дека девојчињата кои играат за македонската ракометна репрезентација вредат многу повеќе од тие турбофолк ѕвезди и заслужуваат да бидат пропратени со публика која ќе им даде максимална поддршка“, дополни претседателот на Ракометната Федерација на Македонија.

Се вчитува...