Нема кој да ги запре кошаркарите на Гостивар на стартот од сезоната во Првата македонска кошаркарска лига. Гостиварци лесно славеа и во 5. коло од шампионатот на гостувањето против Академија ФМП со 82-93, за максимален ефект од пет победи во исто толку натпревари на стартот од сезоната.
ФМП Академија успешно парираше на гостите единствено во првиот период од играта кој го доби со 21-18. Но, веќе во втората четвртина тотална доминација на гостинските кошаркари под двата кошеви, па со цврста одбрана и ефикасен напад на полувремето заминаа со предност од дури 17 поени. Неверојатна втора четвртина за Гостивар која ја доби со 11-31.
Сето тоа го навести победникот на дуелот, па во второто полувреме само рутински се одржуваше предноста за конечна победа од 82-93.
Најдобар кај Гостивар беше Грузиецот Ѓорги Корсантија со 28 постигнати поени, дополнети и со седум скока, а добра поддршка имаше од Ефремовски кој заврши со 23 поени и Маслинко со 16 поени и 9 скока. Во домашниот состав се издвои Пајиќ со 23 поени и шест скока. По 12 поени постигнаа Димовски и Настовски.
Гостивар е единствена екипа во лигата со пет победи од исто толку натпревари, додека ФМП Академија е со една победа и четири порази по пет меча.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

