Шкендија со триумф над „пандевци“ и нов кикс на Струга ТЛ сака преземање на врвот

Екипата на Шкендија посакува израмнување на врвот со Струга ТЛ по натпреварите од денешното 14. коло во Првата македонска фудбалска лига. Сето тоа е можно со триумф денеска против „пандевци“ и пораз на стружани на гостувањето против Работнички во Скопје.

Шкендија на домашен терен ја пречекува Академија Пандев, очекувано носејќи ја фаворитската улога, иако црвено-црните ќе бидат без услугите на Егзон Бејтулаи и Бруно Дита. Но, шефот на стручниот штаб Ќатип Османи верува дека неговиот тим може да дојде до посакуваните три бода.

„Не чека тежок натпревар, ќе биде ослабени без неколку првотимци но секако фокусот е добра игра и атак на трите бода“ – вели Османи.

Струга ТЛ, пак, ќе бара излез од резултатската криза во пресметката со „романтичарите“ која се игра на стадионот на тренинг-центарот на ФФМ во Скопје. Стружани веќе четири едноподруго натпревари се без победа во првенството.

„Не очекува еден интересен натпревар. Работнички има квалитетна екипа, но мислам дека сме максимално подготвени за да на овој натпревар извлечеме еден позитивен резултат. Верувам дека е вистинското време да им се вратиме на позитивните резултати, преку кои ќе го зачуваме врвот на првенствената табела“ – вели еден од најдобрите фудбалери на Струга ТЛ, Буњамин Шабани.

Интересно ќе биде и во Штип каде Брегалница го пречекува Тиквеш. Штипјани ќе бидат без двајцата стандардни првотимци Херера и репрезентативецот Иван Николов, кои ќе мора да паузираат поради црвени односно жолти картони.

„Погледите ги насочуваме кон дуелот со Тиквеш, и секако желбата за нов позитивен резултат. Добро е познато дека Тиквеш има квалитетен, компактен, тим. Ние сме во добра форма, но не смее да има ниту најмало опуштање. Напротив, мора да има максимален ангажман ако сакаме да дојдеме до трите бода и против Тиквеш. Веруваме во себе, знаеме дека можеме од натпревар во натпревар секогаш подобро и со поддршка од нашите секогаш верни навивачи можеме до бодовите“ – вели дефанзивецот на Брегалница, Александар Ристевски.

ПМФЛ – 14. КОЛО (денеска, 13 ч.)

Тетово: ШКЕНДИЈА – АК. ПАНДЕВ

Скопје: РАБОТНИЧКИ – СТРУГА ТЛ

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ТИКВЕШ

Прилеп: ПОБЕДА – МАКЕДОНИЈА ЃП

ВЧЕРА

Скопје: СКОПЈЕ – СИЛЕКС 0-0

Се вчитува...