Дејан Савевски нов тренер на Тетекс

Тетовскиот второлигаш, Тетекс е своевиден рекордер во новата фудбалска сезона по смена на тренери. Во изминатите 11 кола на кормилото на Тетекс, беа четворица тренери кои не се прославија многу бидејќи Тетекс од можни 33 освои само 7 бода и се наоѓа на дното на табелата. Стартуваше со Бојан Захариев, кој нема некое богато тренерско искуство, но само по три кола доби отказ. Го замени Даниел Радевски, но и тој не можеше да се пофали со некои добри резултати и јасно, Тетекс побара нов тренер. Дојде искусниот Љупчо Димоски, кој го водеше клубот на само еден натпревар, против Гостивар, но потоа си замина бидејќи виде дека Тетекс во моментот не располага со играчки кадар кој може со успех да игра во Втората лига.

На ред е четврта тренерска епизода. Беше ангажиран нов тренер, поранешниот фудбалер на Љуботен Дејан Савевски, кој го водеше Тетекс на последните две средби со Слога и Беласица, но без некој добар резултат. Нему засега во работата ќе му помага поранешниот играч на Тетекс Жика Радоњиќ.

Во Тетекс сметаат дека се уште ништо не е загубено, се чека зимскиот преоден рок клубот да се засили со поквалитетни играчи, од овој подмладен состав со кој игра есенва. Во тоа ќе се обиде да помогне претседателот на женскиот фудбалски клуб Љуботен од Тетово Драгољуб Јовановски, на чија иницијатива беше ангажиран и тренерот Савевски и кој прави големи напори, со помош на некои фудбалски ентузијасти и спонзори од градот да се стабилизира клубот и да тргне кон подобро утре./М.М/

Се вчитува...