Тен Хaг: Играчите не се роботи, но не треба лесно да подаруваме натпревари

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг изјави дека поразот на неговиот тим од Астон Вила со 3-1 е неприфатлив. „Црвените ѓаволи“ стартуваа катастрофално примајќи два гола во првите десет минути, шок од кој не успеаја да се рехабилитираат.

За Манчестер Јунајтед ова беше прв пораз на „Вила Парк“ уште од 1995 година, со што избраниците на Тен Хаг го загубија чекорот со водечките тимови на табелата.

„Мислам дека еден од нашите најдобри квалитети во последно време е тоа што добро ги започнуваме натпреварите. Така беше порано, но не и на овој натпревар. Не требаше да дозволиме да направат разлика, изгубивме одбранбени битки … Одигравме подобро во вториот дел од првото полувреме и создадовме две добри прилики преку Гарначо и Роналдо. Постигнавме гол, се вративме во игра и мислевме дека можеме да направиме пресврт. Сепак, потоа повторно примивме гол“, изјави Тен Хаг.

Холандскиот стручњак изјави дека ги разбира фудбалерите, но дека такви работи не смеат да се повторуваат.

„Долго сум во фудбалот, играчите не се роботи, понекогаш има такви психички падови. Сепак, тоа не е прифатливо, мораме да бидеме подготвени за секој натпревар, не треба лесно да подаруваме натпревари. Резултатот не лаже, но ова е процес … “, заклучи Тен Хаг.

Во четврток Јунајтед повторно ќе игра со Вила, но овојпат на домашен терен во ФА Купот.

Се вчитува...