Што понатаму… Македонија не смее да чека десет години на ново ЕП

Женската ракометна репрезентација на Македонија го доживеа и вториот убедлив пораз на Европското првенство откако вечерва загуби од Холандија 15-30.

Иако не очекува клучниот натпревар за втора фаза против Романија во среда, сепак нашиот квалитет не е на нивото на останатите репрезентации од Ц групата.

Македонија по десет години се најде на големите собири, но веројатно неславно ќе заврши оваа епизода. Сепак, прашањето кое што се поставува е што понатаму? Очигледно е дека најискусните потфрлија на ова првенство, а дел од кадетките кои што ја вратија малку надежта за женскиот ракомет во Македонија се уште се незрели за едно натпреварување како што е Европското.

По Европското првенство на кое се пласиравме само поради домаќинството, веќе во април не очекува бараж за Светското првенство во кој по подолго време поради учеството на ЕВРО ќе добиеме за нијанса послаб противник.

Селекторот на репрезентација на Македонија, Љубомир Савевски вели дека треба да се размисли што понатаму и во кој правец да оди репрезентацијата пред баражите за СП 2023 година.

„Треба да размислиме што понатаму. Ние во овој момент имаме четири/пет кадетки кои што мора да добијат поголем простор, но се премногу млади. Ако настапиме со повеќе кадети, ние не може да веруваме дека би го поминале тој бараж, па макар играле и со послаби репрезентации. Мораме заедно со ракометарките кои играат од странство, со некоја бројка од десетина во Македонија да имаме ростер кој ќе биде во служба на подобра игра“, изјави селекторот Савевски. 

Најискусната во репрезентацијата, Моника Јанеска се надева дека во иднина младите ќе го обелат образот и дека ќе имаат настапи на уште големи натпреварувања.

„Голема работа е организацијата за ова Европско првенство што го организиравме. По десет години повторно сме на големо натпреварување и тоа многу значи за идинината на женскиот ракомет. Моето време во репрезентацијата изминува, но ова беше одлична шанса младите да добијат на искуство и во иднина ќе го осветлат образот на Македонија“, изјави Јанеска. 

И покрај големите порази не е се црно. Женскиот ракомет во Македонија доби инјекција која мора да се искористи. Кадетките предводени од Ива Младеновска минатите две лета покажаа дека има потенцијал, кој со добра и напорна работа може да не врати таму каде што ни е место, во елитата на европскиот и светски ракомет.

Се вчитува...