Селекторот за ситуацијата со Адеми: Категорично тврдам дека Аријан не калкулира!

Македонскиот селектор Благоја Милевски за време на прес-конференцијата со медиумите, по соопштувањето на списокот на репрезентацијата за пријателските натпревари со Финска и со Азербејџан, остави повеќе простор за разговор на темата Аријан Адеми кој од март нема настап за македонската селекција.

На новинарско прашање, околу евентуалните калкулации на Адеми кога станува збор за репрезентацијата, селекторот Милевски категорично истакна дека не станува никаков збор за калкулации од страна на Аријан кој е една од најкоректните личности кои ги познава и врвен професионалец. Станува единствено збор за заеднички договор за одмор кој Аријан го добива од Милевски во моментов кога тоа навистина му е неопходно по активните повреди низ актуелнава напорна сезона со Динамо Загреб и на домашната и на интернационалната сцена.

„Категоричен сум дека Адеми не калкулира. Во постојана комуникација сум со него. Јас му дадов дозвола да направи пауза од репрезентацијата и да го одмори телото. Дечкото беше крајно искрен и му беше потребен одмор. Таа хронична болка што ја имаше во грбот е минато и во последниот наш разговор пред последниот натпревар беше расположен и болките кои ги имаше веќе се минато. За жал се случи тоа што се случи и познавајќи го неговиот карактер гарантирам дека тоа не е така“ – истакна македонскиот селектор.

Во националниот тим, пак, повторно има место за искусниот напаѓач Илија Несторовски кој по пауза од 20 месеци повторно се враќа во репрезентацијата.

„Овие тест дуели се наменети и токму за фудбалерите на кои сакаме да сметаме низ исклучително интересните квалификации за ЕП 2024. Го повикав Несторовски да видиме дали ќе може да даде максимум и да го покаже тоа што го покажуваше пред повредата со неспорни квалитети, како би сметале на него во продолжение и во значајните евроквалификации. Што се однесува до останатите напаѓачи, Миовски и Ристовски дефинитивно се во подобра форма, па затоа овој пат немаше место за Доријан Бабунски“ – вели Милевски.

Се вчитува...